Носталгија што ќе ја разберат децата од ‘90-тите - бркавме пеперутки не лајкови, омилената песна ја чекавме на радио
Не моравме да имаме сè за да бидеме среќни. Родителите ќе ни купеа една играчка што траеше го години, а со малку фантазија со неа бевме и доктори и астронаути и наставници... Што може генерацијата Алфа да научи од милениумците?

Дали ќе се сложите дека 1990-тите беа посебно и прекрасно време за растење? Немавме мобилни ни интернет, од утро до вечер трчавме надвор по топки и пеперутки, и не „бркавме“ лајкови.
Многумина ќе речат дека милиниумците, кои растеа тогаш, го живееја најубавото време.
Но, како што се менуваат трендовите во сè, се чини дека ова време полека се враќа, а генерацијата Алфа (родените помеѓу 2010 и 2020 година) се навраќа на некои вредности од 1990-тите.
Па, кои 10 животни лекции од ‘90-тите се идеални за денешната генерација деца?
Досадата не е непријател - таа е основа за вистинска креативност
Дури ни на крајот на 1990-тите немаше интернет (24/7), па сами си измислувавме игри, приказни и авантури.
А кога ни беше здодевно, наместо да гледаме видеа на ТикТок, излегувавме надвор.
Играта на отворено е позабавна од игричките на секој екран
Топка, ластик, брканица, „жмурка“... секој се вклучуваше во маалските игри и преку нив учевме за тимска работа, храброст и социјални вештини.

Пријателствата се градат лице в лице
Пријателствата не се создаваа преку лајкови на социјалните мрежи, туку преку разговори во живо, караници (и по некое поттурнување), а на крајот со смирување (со малото прсте и ветување дека веќе нема да се скарате).
Не моравме да имаме сè за да бидеме среќни
Родителите ни купуваа една играчка и таа можеше да трае со години.
Но, фантазијата правеше сè, па и со една играчка бевме пилоти, астронаути, лекари, учители...
Денес, играчките се „фрлаат“ по неколку дена, зашто детето сака нова, поголема, поубава, поскапа...
Трпението е вистинска супермоќ
Во тоа време чекавме цртаниот филм да почне во точно време, пред вестите, омилена песна ја немавме на Спотифај (или друга платформа), па се радувавме кога ќе ја слушневме на радио.
Гледавме музички канали за да го „фатиме“ омилениот спот и да го снимиме на видео касета (па да го прегледѕуваме до бескрај).
Но, чекавме и ред за разговор на телефон, да заврши тој што разговара, или двојникот со кој бевме врзани - денес, со мобилните телефони ова е незамисливо.

