Мамо, знам дека кинеше дел од својата душа, само за јас да бидам среќен

Ако не беше таа јас немаше да знам како изгледа среќно детство, немаше да ги знам сите приказни за добра ноќ и нотите на сите песни кои те тераат да заспиеш. 

Mamo-znam-deka-kinese-del-od-svojata-dusa-samo-za-jas-da-bidam-sreken-01

Ако не беше ти јас ќе бев нецелосен и празен, изгубен во светот полн луѓе, без да знам каде да се насочам, без да знам која е мојата патека.

Денес ги затворам очите за да паднам во длабок сон, чекам да дојдеш и да ме бакнеш за добра ноќ мила мамичке, но тебе те нема, бидејќи ти си далеку од мене. Те нема да ја исполниш оваа соба со топлина и да ме натераш да се чувствувам безбедно.

Не по твоја вина, туку на мое сопствено барање, бидејќи твоето мало чедо замина во главниот град да ги следи своите соништа, да стане голем човек. Да те направи горда, да се смееш и да раскажуваш кое е твоето дете, со восхит, додека другите љубоморно слушаат.

Цената на тој пат кон мојата цел е нашето отуѓување. Иако ти мислиш дека јас не знам и не сакаш да ми раскажеш за да не ме натажиш, знам колку те боли таа далечина помеѓу мене и тебе.

Всушност додека растев ти мислеше дека многу работи јас не ги разбирам, дека не треба да ги знам или да се грижам за нив, но без твое знаење, јас знам што правеше ти само за јас да бидам среќен.

Знам дека самото мое доаѓање на овој свет беше еден предизвик кој ти го издржа машки, на сопствени нозе, млада и неискусна, а сепак достојна за улогата на мајка. Во ноќите кога тато не беше тука, а често се случуваше, ронеше солзи над мене кога горев од температура или имав грчеви во стомакот.

Никогаш не се пожали, никогаш не се побуни иако наредниот ден беше на работа во раните утрински часови. Наоѓаше сила, нерви и трпение да ми раскажуваш приказни за јас да се чувствувам пријатно во твојата прегратка.

Знам дека додека твоите другарки и колешки купуваа нови чевли, штикли и костими, ти твоите ги носеше на лепење, понекогаш знаеше и да се позајмиш од некој роднина, сè со цел да можеш да ми купиш облека мене и на брат ми.

Знаеше и да си ги шиеш старите фармерки и да ги закрпиш скинатите тренерки само за да заштедиш и да можеш да овозможиш еден достоен ручек на нашата трпеза.

Знам дека пред да одиш на работа, стануваше час или два порано за да се грижиш за зеленчукот и овошјето кои ги имавме во градината, за да родат, да дадат плод и да се продадат. На тој начин да се заштеди некој денар плус, за да се направи куќата, за да се пополнат дупките, да се намалат долговите.

Знам дека кога требаше да одам на екскурзија во средно побара втора работа во деновите кога беше слободна од првата само за да не ми кажеш не.

Всушност ти никогаш не ми рече не и без да знаеш дека знам, ти ми спреми сѐ, од облека до јадење и достоинствен џепарлак иако лицето ти беше испиено од толку грижи и работа, ти ме испрати со насмевка.

Знам дека знаеше да заплачеш навечер кога сите спијат, за сите работи кои мислеше дека не си ги направила, а требало да ги направиш. Знам дека да можеше повеќе ќе дадеше повеќе и ќе направеше повеќе, но не знаев како да ти кажам тогаш, затоа еве ме сега.

Знам дека сега секој ден мислиш на мене, си велиш како се снаоѓа, а јас само сакам да престанеш да се грижиш и да ми дозволиш сега јас да се грижам за тебе. За да ти возвратам за безусловната љубов која ми ја пружи, за тоа што кинеше дел од своето срце и својата душа за јас да бидам среќен. За тоа што ме направи човек. Без твојата љубов јас ќе бев само обичен смртник кој не ја почувствувал топлината на постоењето.

Сакам да те видам насмеана и безгрижна, бидејќи ти заслужуваш да бидеш среќна. Сакам да те видам здрава, колку и да ти изгледа тоа невозможно. Сакам да уживаш во животот без да размислуваш за работите одново и одново. Сакам да се чувствуваш ослободена од сите маки, сакам јас да го носам твојот товар, бидејќи ти ме оспособи да можам да го направам тоа.

Иако сум далеку сакам да знаеш дека те сакам, со секој здив што ќе го земе ова тело.

Сакам да знаеш дека без разлика колку жени ќе сретнам во животот ти си онаа која ме обележала засекогаш, инаку што би бил јас без тебе, само еден сперматозоид, желен за живот.

Биди среќна мамичке, ќе се вратам, наскоро...

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
„Порака до швалерката на мојот маж: Не ни сонував дека еден ден ќе ти бидам благодарна“ „Неговото неверство ме повреди на начин на кој не можев ни да замислам, но ме ск...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg