Прво одделение: „Не сакам во училиште, немам ново фустанче и скап мобилен телефон“

„Како првачето?“ – ја прашувам пријателката чие девојче наполни 6 години и со нескриена возбуда одвај чекаше да зачекори прв пат кон училишните клупи.

Ne-sakam-vo-uciliste-nemam-novo-fustance-i-skap-mobilen-01.jpg

„А бе, што да ти кажам… тргна многу возбудена, одвај заспа. Ама се врати некако тажна. Не знам во што е проблемот. Ја испративме до училишниот двор, ја сплетовме косата во плетенки како што сакаше. Ама се врати нерасположена“.

Подоцна, додека седевме дома кај пријателката и се почестивме скромно во чест на малото прваче, додека ѝ го подавав подарокот за среќен почетокот на школската година, некои ситници, тетратка, шарено моливче, гумичка, навистина забележав некоја полутажна насмевка кај малото девојче.

После неколкуминутно молење да ни каже во што е проблемот, девојчето скоро нечујно и тажно прошепоти: „Сите беа подотерани од мене. Сите имаа скапи фустанчиња и нови мобилни телефони“.

„Ех, од каде знаеш дека биле скапи?“, прашав полушеговито во обид да го охрабрам девојчето.

„Па самите си кажаа. Кажаа колку пари биле фустанчињата, од каде им ги купиле… а јас отидов во старо фустанче“.

Моето срце се скрши. Не можев да поверувам дека 6-годишно девојче веќе ја осознава суровоста на светот и животот на ваков начин.

Јас ја дознав подоцна, дури кога стигнав во средно училиште. Ми стана сосема јасно дека не сме сите деца исти и дека нè делат огромни класни разлики.

Различно се облекувавме, живеевме на различни страни во градот. Професорите со задоволство имаа време да се објаснуваат со миленичињата чии родители сите некако магично ги знаеја по име, презиме и професија.

Не го добивавме истиот третман и истото внимание. Не излегувавме ниту приближно на истите места, не располагавме со истиот џепарлак во џебовите. Доколку ја кажуваме вистината, ние немавме ниту иста ужина. Некој јадеше смоки од 10 денари, а други среќните оброци на МекДоналдс.

Професорите наместо да се обидат да нè зближат и да ги стопат разликите помеѓу нас, тие ги продлабочија уште повеќе. Гледав некој анимозитет, некоја одбивност во односот кон тие што имаа помалку и кон нивните неважни, анонимни родители.

Ама затоа пак со задоволство воскликнаа кога одредени деца почнаа да доаѓаат со сопствени мотори и нови коли на училиште.

Поради овие и уште многу други причини, средното образование ми стана одбивно, одвратно и ми се одмили засекогаш. Одвај чекав да заврши тој кошмар на суети, натпревар и покажување кој колку има. Се прашував постои ли свет каде што ќе бидеме горе-долу сите исти и нема да ја имаме таа потреба од самопотврдување со пари и материјални предмети.

Тој свет е секако утопија. Таков свет не постои. Она што ви останува е цврсто да ги стиснете забите и да ја игнорирате неправдата пред таа да ве заслепи и уништи. Да пронајдете луѓе кои се слични на вас, да се потпирате на сопствениот ум и способност, на вашата добрина и емпатија за другите луѓе.

Да сфатите дека иако парите можеби го вртат светот, не мора да значи дека ќе ве вртат и вас.

Но, за оваа лекција е потребно време и трпение. 6 години ни одблизу не се доволни да се осознае и сфати суровоста на секојдневието кое следува.

На 6 години не треба да си тажен затоа што не си отишол во скапо, ново фустанче на првиот училиштен ден. На 6 години не треба да имаш никаков мобилен телефон, а најмалку пак скап и модерен мобилен телефон.

Но, децата не се виновни за ништо од сето ова. Тие се огледало на родителите. Децата не умеат да слушаат, тие умеат да имитираат. Некој им посочил колку пари е платено тоа фустанче. Некој им ја всадил идејата дека се облечени во најубавото, најскапото, најмодерното.

Дека никој нема да биде како нив. Дека се подобри од сите останати кутри душички. И на сето тоа повторување, тие имаат потреба да го споделат тоа со другарчињата. И да ги исмеат оние поскромните, чии родители одвај скроиле крај со крај да купат ново ранче, нови тетратки, нови чизми за есенската сезона која доаѓа.

Немојте да ги делите децата уште нестапнати во училишните клупи. Не правете циркуси од толку убав настан, првачиња се, дечиња, не се „ајкули“ со наострени заби кои треба да пливаат во некој деловен свет и да се борат за престиж и унапредување.

Од сите можни настани успеавте да направите фестивал и да ги изобличите. Родендени, крштевки, мекици, а сега и тргнувањето во прво одделение. Не ги проектирајте своите неостварени желби врз своите деца. Оставете ги бидат тоа што се – деца, и престанете да ги храните со идејата дека само затоа што имате повеќе пари од другите луѓе автоматски сте подобри.

Наместо тоа, научете ги да бидат скромни, понизни, вредни, добро воспитани и да ги почитуваат и сакаат другарчињата без оглед на облеката која ја имаат на себе и парите кои ги трошат за време на големиот одмор.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
„Не истурај го гневот врз родителите, не труди се да им се допаднеш на сите“ – Што би ѝ порачала на ... Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфат...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg