„Идната свекрва ја облече мојата венчаница без дозвола и ја уништи – размислувам да ја откажам свадбата“
„Свршеникот ја однел венчаницата кај мајка му и дозволил и таа и сестра му да ја пробаат. Сега е расипан патентот, а материјалот е растегнат“.

Веројатно не постои свадба која поминува без драма додека траат подготовките. Но, драмата што ја споделила девојка на Редит е нешто што никој не сака да го искуси.
Во еден од форумите на Редит, таа открива дека идната свекрва ја пробала нејзината венчаница, без дозвола, и ја уништила.
Исповедта на девојката во продолжение:
„Имам 26 години и со мојот 28-годишен партнер се свршивме пред четири месеци. Планираме да правиме свадба во октомври. Идната свекрва почна да ме иритира – постојано ми праќаше предлози за венчаници и ми рече дека таа ќе направела подобар избор. Проба и да ме натера да купам венчаница што таа ја избра, но кога ја одбив, бараше да дојде со мене кога ќе купувам.
Пред да излезам по венчаница, ѝ се јавив да ја прашам дали сака да дојде. Но, почна да бара изговори, била зафатена. Па, отидов со мајка ми и најдов навистина убав фустан – ме чинеше малку повеќе од планираното, но вредеше.
Направив неколку промени на венчаницата и беше совршена. Кога ми ја доставија дома од продавницата, ја ставив на безбедно место за да не се оштети.
Вчера бев на гости кај мајка ми и кога се вратив, свршеникот не беше дома, но ни фустанот не беше дома. Веднаш му се јавив бидејќи знаев дека го однел кај мајка му за да ѝ го покаже – ми бараше да го виде, но не сакаше преку фотографии, туку во живо.
Бев гневна кога свршеникот ми потврди дека венчаницата е кај мајка му, па го чекав да си дојде дома.
Кога пристигна, истрчав надвор и видов дека ја ставил венчаницата во багажникот, а врз неа куп кеси што пазарел од маркет.
Ја извадив венчаницата и видов дека патентот е скршен, а дека материјалот е растегнат. Си помислив дека свекрвата сигурно го пробувала бидејќи изгледаше уништено – и прерамките беа разлабавени.
Свршеникот ми кажа дека и мајка му и сестра му го облекле – ѝ се јавив на свекрвата и бев гневна, но таа ми рече дека не погрешила и дека само правам сцена.
Ми рече дека ќе ми го заменета патентот, но јас ѝ реков дека сакам нов фустан бидејќи мојот е растегнат и веќе не ми е точен. Таа одби, па дури и ми рече дека сигурно не ми се допаѓал фустанот, па сега сум пробувала да ѝ земам пари за нов.
Се скаравме, ѝ реков дека таа и свршеникот се виновни што ми го уништија фустанот. Мајка ми ми рече дека ќе ми даде пари да го поправам, но мразам што некој друг го облече пред мене.
Гневна сум и веќе сериозно размислувам да ја одложам венчавката“.
Во коментари, форумџиите се на страната на девојката, а некои ја советуваат и добро да размисли дали воопшто треба да се венча со свршеникот.
„Твојот свршеник ти го зел фустанот и дозволил да го облечат други. Јасно ли ти е колкаво непочитување е ова? Немаш проблем само со свекрвата, туку имаш огромен проблем и со свршеникот. Ако сум на твое место, би ја откажала свадбата“.
„Не се венчај – ти секогаш ќе бидеш на второ место. Која нормална личност сака да ѝ го уништи фустанот на идната снаа?“
„Мислам дека не ти треба нов фустан, туку нов свршеник“.
„Си имала среќа да видиш со какви луѓе си имаш работа пред да стапиш во брак. Фрли го фустанот, остави го мажот и уживај си во животот“.
Спирова С. | Црнобело
