Се венчале по 6 месеци врска, во брак се 60 години, таа денес оди со него на ревии – Љубовта на Ралф Лорен и сопругата Рики
Најубавата љубовна приказна во модниот свет е на Ралф Лорен и сопругата - таа му била муза за женска колекција за да има што да носи, по нешто повеќе од 60 години брак, таа вчера дојде до него, го бакна и заедно се поклонија по ревијата во Њујорк и одржаа лекција за љубов без рок на траење.

Само неколку дена пред Денот на вљубените Ралф Лорен (86) ја претстави својата есенска колекција на Модната недела во Њујорк.

На крајот на шоуто, тој се поклони, а покрај него дојде неговата сакана сопруга Рики Лорен (82), која го бакна, па прегрнати заедно ги поздравија присутните пред да заминат.

Со овој гест тие уште еднаш докажаа дека се еден од најинспиративните парови, кои покажуваат дека љубовта не знае за години и нема рок на траење.
Погледнете го видеото:
Што знаеме за нивната љубовна приказна?
Рики и Ралф Лорен се запознале во офталмолошка ординација во Њујорк во 1964-та, каде што таа работела како рецепционерка додека студирала.
Ралф дошол на преглед, а кога ја видел, веднаш ја поканил на љубовен состанок – ја земал со зелен спортски автомобил и ја однел на палачинки.
Наводно, тој ја запросил уште на првата средба, а само 6 месеци подоцна, на 20 декември 1964 се венчале.

Парот има три деца – синот Ендру, роден во 1969-та, вториот син Дејвид, роден во 1971-ва и ќерката Дилан во 1974-та.
Децата ги растеле далеку од очите на јавноста, а сите имаат свои семејства и кариери.
Ендру е успешен филмски продуцент, Дејвид ги следел стапките на татко му, па станал извршен директор на Ралф Лорен Фондацијата, а во брак е со внука на поранешниот претседател на САД Џорџ Буш, додека пак Дилан, има свој бизнис за слатки.

Одамна е познато дека Рики му била муза на Ралф во дизајнирањето за неговиот бренд, а има именувано скапа кожена чанта по неа, „The Ricky“.
Се смета дека тој ја започнал женската колекција поттикнат од тоа што таа немала каде да си најде облека што ѝ се допаѓа, а одговара на нејзината ситна и витка градба.

„Не ми се допаѓаше девојка цела со шминка и високи штикли. Ми се допаѓаше девојка во фармерки и бела кошула со завиткани ракави, со јакна од дечко ѝ.
Такви девојки ме привлекуваат. Со таква девојка и се оженив“ – рекол тој во една прилика.

