Силувале девојчиња, ги убедувале родителите дека се „благословени“ од Исус: Мрачните тајни на сектата La Luz del Mundo
Иако лидерот е зад решетки за силување деца, следбениците на сектата La Luz del Mundo го гледаат како маченик кој страда за нив и лојално чекаат да биде ослободен. Што знаеме за една од најконтроверзните христијански секти?

La Luz del Mundo е христијанско движење (или секта) кое почнало во 1926 година. Денес е раширено низ повеќе од 50 држави и се претпоставува дека има од еден до пет милиони следбеници.
Постојат многу ограноци од христијанската црква, но La Luz del Mundo е една од поконтроверзните.
Црквата почна да привлекува внимание во јавноста во 2019 година, кога тогашниот лидер беше уапсен за обвиненија како трговија со луѓе и сексуални напади на деца.
Оттогаш, бројни луѓе кои успеале да ја напуштат црквата собраа храброст и почнаа да споделуваат што точно се случувало зад затворени врати.
Црквата е основана од Арон Хоакин Гонзалез кој пораснал во сиромашно семејство, а подоцна служел воен рок во Мексиканската револуција.
По завршувањето на конфликтот, почнал да ги следи учењата на двајца пророци, но почнал да мисли дека нивната интерпретација на христијанството е погрешна.
Па, за да го „исправи“ ова, си основал своја црква која уште на почетокот била обвиена со мистерија и контроверзии.
Неговата лидерска позиција ја наследил еден од неговите синови, па до денес, со црквата управуваат негови потомци, како да е монархија.
Што знаеме за контроверзната црква?
Не се декларираат како култ или секта
Доктрината на La Luz del Mundo е базирана на верувањето дека учењето на Исус станало корумпирано. Па, верниците се декларираат како луѓе кои ќе ја вратат во живот раната христијанска црква, односно раните учења од христијанството.
А, за лидерите на црквата, кои се потомци на основачот, веруваат дека се апостоли назначени лично од Исус.
Но, проблемот е што овие верници слепо го следат лидерот, односно апостолот. Нивниот лидер има апсолутна моќ над нив и тие му се потчинети, а поради ова целата верска организација почнува да се граничи со култ.
Децата минуваат низ трауматична церемонија
Додека самите верувања на следбениците на црквата не изгледаат како нешто невообичаено, или пак, лошо, нивните церемонии може да се опишат и како вознемирувачки.
Многу деца кои се дел од црквата биле родени во заедницата и ја наследиле религијата од нивните родители. Но, дури и тие треба да ја покажат својата потчинетост и верност кон лидерот преку церемонија која ја нарекуваат „оживување“.
Церемонијата почнува кога децата ќе наполнат 13 години, а ја покажуваат својата лојалност така што седат на колена со часови – нешто што несомнено е многу болно.
Некои поранешни членови на црквата имаат изјавено дека децата не можеле да избираат дали ќе ја следат религијата, па биле присилувани да ја поминат церемонијата.
Со години наназад постојат гласини за насилство во црквата
Како што спомнавме, во 2019 година, лидерот Хоакин Гарсија беше уапсен за трговија со луѓе и педофилија, но слични обвиненија имало и порано.
Во 1998 година, жена која избегала од црквата изјави дека таа и другите деца биле силувани од претходниот лидер (таткото на уапсениот).
Според сведоштвото на жената, ја натерале да оди во неговата соба, а откако ја силувал ѝ рекол да не кажува никому бидејќи Бог ќе ја казнел.
Покрај неа, уште три жени излегоа со слични обвиненија, но не беше започната истрага бидејќи немало доволно докази.
Некогаш родителите на силуваните деца биле манипулирани и лажени од страна на црквата, па не ни знаеле што се случува.
Некои се обиделе да ја напуштат црквата штом им станало јасно, но, за жал, имало и ситуации каде родителите, водени од слепата вера и покорност кон лидерот, на некој начин дозволувале нивните деца да бидат малтретирани.
Имало и други, повознемирувачки обвиненија од луѓе кои ја напуштиле црквата.
Маж, кој избегал кога бил тинејџер, изјави дека бил киднапиран, а потоа претепан и избоден, со цел да се заплашат другите кои сакале да избегаат.
