Силувале девојчиња, ги убедувале родителите дека се „благословени“ од Исус: Мрачните тајни на сектата La Luz del Mundo
Членовите биле присилени да донираат пари
Според некои извори, главна мета на црквата било сиромашното население.
Притоа, црквата успевала да воспостави финансиска контрола над своите членови, но и да заработи многу пари, со тоа што ги терала сите да донираат 10% од нивната заработка.
Според други извори, членовите биле присилени и секоја недела да го „даруваат“ лидерот со пари, а за да можат да го направат ова, некои и се задолжувале.
Членовите биле жртва и на принудна, неплатена работа и биле терани да градат храмови и што уште не за својот лидер, убедени дека со тоа му служат на Бог.
Гласини за уште полоша група во самата црква
Се шпекулира дека во самата црква има посебна група луѓе кои се сметаат за најголеми верници.
Но, овие луѓе не уживаат поголема слобода во црквата, туку треба да следат уште повеќе правила – на пример, забрането им е да имаат каков било контакт со луѓе кои не се дел од црквата.
Лидерот имал толкава контрола над оваа група, што дури им договарал и бракови.
Уапсениот лидер доби 16 години зад решетки
Хоакин Гарсија беше обвинет за 26 прекршоци, а со него беа обвинети уште три членови на црквата. Една од нив беше обвинета за груминг на малолетни девојки, кои потоа му ги носела на лидерот.
Првично, таа негираше вина, но потоа призна и се согласи да сведочи против лидерот. Според нејзиното сведочење, таа самата ги бирала девојчињата, ги учела како да го задоволуваат лидерот и помагала во нивното силување.
И лидерот ги негираше обвиненијата, но призна вина за неколку прекршоци, вклучувајќи присилување малолетно лице на орален секс и силување дете. Со ова, тој беше осуден на 16 години и 8 месеци затвор.
Жртвите негодуваа за малата казна, но не му го променија мислењето на судијата.
Црквата има лојални членови до денес
Жртвите на црквата веројатно ја трпат тортурата бидејќи секое измачување им било прикажано како „благослов“ од лидерот.
На малите девојки им кажувале дека се благословени што се избрани од лидерот и прво им давале обврски како чистење и готвење. Но, потоа почнувале да ги тераат да позираат без облека, да танцуваат провокативно и, на крај, да спијат со лидерот.
Поради контролата што лидерот ја има над сите во црквата, и родителите на малтретираните девојчиња се убедени дека нивните деца се благословени.
Нивната лојалност кон црквата не се промени ни по обвинението на лидерот. Впрочем, многу следбеници излегоа на улица со транспаренти, барајќи тој да биде ослободен.
Според експерти кои ја истражуваат психологијата зад култовите, по апсењето, тие го гледаат и како маченик, личност која страдала за нив.
Иако е во затвор, тие уште го гледаат како свој лидер и ќе го чекаат неговото враќање.
Во тек се уште неколку тужби против лидерот и црквата, но целата организација си продолжува со работа, како вообичаено.
Спирова С. | Црнобело
