Таџ Махал, Нотр Дам: Колку долго се граделе најпознатите знаменитости во светот?
Знаевте ли дека изградбата на Големиот кинески ѕид траела околу 2.300 години? Почнувајќи од 3-ти век пред нашата ера, па сè до 17-ти век од наша ера, ѕидот постојано бил продолжуван, поправан, зајакнуван…

Големата пирамида во Гиза, Ајфеловата кула во Париз и Таџ Махал во Индија се меѓу најпознатите знаменитости во светот и нема кој не слушнал за нив.
Дел од овие зданија се од поново време, но некои од нив се изградени уште во древното минато.
Со денешната технологија, градењето е значително забрзано – на пример, легендарната Empire State Building во Њујорк била направена за само 13 месеци.
Но, овој процес се одвивал навистина бавно во минатото.
Па, колку долго се граделе познатите знаменитости ширум светот?
Партенон, Атина – околу 10 години
Партенон е најпознатиот храм во Грција и се наоѓа на Атинскиот акропол.
Направено во чест на грчката божица Атина, изградбата на импресивното здание траела околу девет години, што било навистина брзо кога ќе се земе предвид периодот кога е направено.
Римскиот колосеум – околу осум години
Најпознатиот амфитеатар во светот несомнено е Колосеумот во Рим. Иако претставува мошне комплексна градба, изградбата траела релативно кратко – околу осум години.
Се проценува дека во изградбата биле вклучени околу 20.000 работници, од кои повеќето биле и робови.
Големата пирамида во Гиза – 20 години
Многу култури од разни краеви во светот граделе пирамиди, но најпознатите се оние во Египет. А, сите се засенети од Големата пирамида која била изградена како гробница за фараонот Куфу.
Изградбата на масивната пирамида траела околу 20 години и речиси три милениуми, ова била највисоката градба направена од човек.
Се претпоставува дека на неа работеле околу 20.000 работници, а поновите истражувања покажуваат дека најверојатно не биле робови, како што се мислеше претходно, туку најобични работници кои биле соодветно платени.
Таџ Махал во Индија – 20 години
Таџ Махал во Агра, Индија е мавзолеј кој бил изграден од императорот Шах Џахан, како симбол на љубовта кон неговата почината сопруга.
Во изградбата биле вклучени околу 20.000 работници и 1.000 слонови, а мавзолејот се градел во период од околу две децении.
