Пет суптилни трикови што ги користат емоционалните манипулатори
Префрлањето вина и глумењето жртва се тактики со кои манипулаторите прават нивната жртва да се чувствува несигурно во себе, но и виновно дури и кога не направила ништо.

Емоционалната манипулација често е незабележана од жртвите бидејќи може да биде многу суптилна.
Триковите што ги користат манипулаторите можат да ја натераат жртвата да се сомнева во себе и во своите мисли, па со тоа воспоставуваат контрола над неа.
Во некои ситуации, манипулаторите не се ни свесни дека го прават ова, што, пак, ја прави ситуацијата покомплицирана.
Но, секој е важно да биде свесен за тактиките за емоционална манипулација за да може да воочи дали е жртва, но дали во некои ситуации можеби и самиот е манипулатор.
Пет трикови што ги користат емоционалните манипулатори:
Префрлање на вината
Една од најчестите тактики што ги користат манипулаторите е префрлање на вината.
Ако им посочите грешка, ќе најдат начин да ве натераат да поверувате дека всушност вие сте виновни за нивната грешка.
Исто така, неретко обвинуваат и за работи кои вие не сте ги направиле, сè со цел да воспостават контрола над вас.
Знаат како да ве убедат дека вие сте одговорни за нивите чувства, без разлика што не сте направиле ништо погрешно.

Геслајтинг
Геслајтинг (од англиски gaslighting) претставува вид манипулација кога некој пробува да ве натера да се сомневате во вашата перцепција.
Манипулаторот може да негира факти, постапки и зборови што вие сте ги слушнале, сте ги сведочеле, со цел да ве убеди дека не сте во право.
Ако ја користи оваа тактика често, со текот на времето можно е да почнете да се сомневате во вашите зборови и чувства и со тоа да потпаднете под контролата на манипулаторот.
Глумење жртва
Емоционалните манипулатори честопати се претставуваат себеси како жртва, особено ако самите се одговорни за некој конфликт.
Наместо да ви дадат конкретен одговор кога ќе ги натерате да се соочат со свој пропуст, тие ќе искористат фраза со која ќе се претстават како жртва.
Со ова ќе ве натераат да ги сожалувате, па дури и да се сомневате во себе.
Игнорирање и одбивање комуникација
Оваа тактика е најчеста во романтични врски, каде партнерот кој манипулира го казнува другиот партнер со тоа што не му посветува внимание, не му изјавува љубов и слично.
Можно е и да избегнува да зборува и целосно да се дистанцира кога другиот партнер не прави како што сака тој.
Со ова, почнува да создава несигурност кај својата жртва која, пак, очајно пробува да допре до признание, па и прошка, дури и кога не направила ништо погрешно.
Преувеличување на последиците
Во овој случај манипулаторот ја драматизира целата ситуација и прави последиците да изгледаат како крај на сетот.
Пробува да ја убеди жртвата дека ако не направи нешто што сака тој, тогаш сè ќе се распадне.
Со ова создава притисок врз жртвата, па таа нема избор освен да го послуша манипулаторот.
Спирова С. | Црнобело
