Неучтиви работи што многу луѓе ги прават во теретана (а не треба)
Не ги враќаат теговите на свое место, прават цела фотосесија пред огледалото, пуштаат гласна музика…

Одењето во теретана е сè попопуларно, но факт е дека и покрај тоа, некои луѓе забораваат како треба да се однесуваат таму.
Ако одите во теретана, не треба да заборавите дека тој простор не е само за вас, туку за сите кои си платиле членарина, па мора да ги почитувате, како што тие ве почитуваат вас.
Кои се неучтивите работи што треба престанете да ги правите?
Не ја бришете опремата
Откако ќе завршите со вежбање на опрема на која лежите или седите, избришете ја бидејќи не во ред да ја оставите вашата пот.
Дури и ако ставате крпа под вас, учтиво е откако ќе завршите, да ја пребришете.
Не ги враќате теговите на свое место
Штом ќе завршите со некој тег, веднаш вратете го на соодветното место.
Ако ги оставате на земја, не само што правите хаос, туку некој може да се сопне и да се повреди.
Ги зафаќате справите
Многу луѓе прават пауза од вежбањето за да напишат порака или за да видат нешто на телефонот, а притоа ја држат справата зафатена.
Некогаш, пак, предолго користат некоја справа, без разлика што таа е за сите во теретаната.
Ако во теретаната нема гужва и има други слободни справи, во ред е некогаш да се „заборавите“.
Но, генерално, имајте ги предвид и другите луѓе и немојте да ги зафаќате справите подолго отколку што е потребно.
Пуштате гласна музика
Нормално е да слушате музика додека вежбате, но секогаш користете слушалки за ова. Никој не е должен да ја слуша вашата плејлиста.
Им се потсмевате на други луѓе кои вежбаат
Можеби вие сте искусни и одите во теретана со години, но ова не може да важи за сите.
Ако забележите дека некој не знае како да користи некоја справа, немојте да му се смеете – или понудете помош или игнорирајте го.
Или, ако забележите некој кој не е во форма, немојте да дофрлате забелешки и слично. На таа личнсот можеби ѝ требала огромна храброст да стапне во теретана и штом е таму веќе почнала да работи на себе.
Ако вие се потсмевате, тогаш ќе ѝ ја срушите самодовербата.
Зборувате на телефон
Избегнувајте да зборувате на телефон додека сте во теретана бидејќи исто како музиката, никој не сака да ги слуша вашите разговори.
Ако сепак морате да се јавите, излезете надвор или зборувајте тивко и завршете го повикот што е можно побрзо.
Оставате хаос во соблекувалната
Соблекувалната е место што го делат сите во теретаната, па важно е да не правите хаос.
Собирајте си ги своите работи и немојте да зафаќате повеќе место отколку што ви е потребно.
Одите во теретана за дружење
Во ред е да поразговарате со некој, но немојте да го гледате одењето во теретана како место за социјализација.
Повеќето луѓе не сакаат да ги вознемирувате додека вежбаат, па воздржете се од зборување.
Постојано се фотографирате
Во ред е да направите некоја фотка пред огледало во теретана, но немојте да правите цела фотосесија.
Исто така, осигурете се дека кога се фотографирате, во кадарот не се гледа некој друг, особено ако планирате да ја објавувате фотографијата.
И, никако немојте да фотографирате во соблекувалната.
Зјапате во некој
Важно е да го почитувате личниот простор на другите и ова не значи само да држите соодветно растојание од нив.
Немојте да зјапате во другите луѓе бидејќи за скоро секој ова е непријатно.
Спирова С. | Црнобело
