„Цела недела пиев по 3 литри вода дневно – позитивните промени беа поголеми отколку што очекував“
„Најголема промена видов во кожата – лицето веќе не ми беше суво, туку хидрирано и меко, а круговите под очите исчезнаа. Исто така, ослабев половина килограм, но бидејќи сум со здрава тежина, не очекував повеќе“.

Не треба да ви кажуваме дека е важно да пиете многу вода бидејќи ова е совет што го слушаме секогаш кога е во прашање нашето здравје.
Но, факт е дека повеќето луѓе навистина не пијат доволно вода.
Некои пијат повеќе кафе или сокови, па сметаат дека тоа е доволно. Други, пак, не помислуваат да се напијат вода сè додека не почувствуваат жед.
Според препораките на експертите, треба да пиеме и до 2 литри течности дневно, главно вода. Но, некои советуваат дека треба да пиеме и по три литри вода дневно.
Девојка од Англија која признава дека главно пие кафе и ретко кога помислува на вода, решила да го проба предизвикот – во текот на една недела да пие три литри вода дневно.
„Обично дури на пладне чувствувам жед и пијам вода, но само неколку поголеми голтки. Никогаш не пијам по два литри и ми изгледа дека на моето тело ова му годи“, вели таа за The Sun.
Сепак, истакнува дека имала некои проблеми, како сува кожа. Бидејќи експертите велат дека пиењето доволно вода може да ги реши овие проблеми, девојката одлучила да направи тест.
„Целиот живот страдам од несоница и сува кожа, па сакав да ја тестирам оваа теорија. Мојот предизвик е цела недела да пијам по три литри вода дневно и да видам дали навистина ќе се случи чудо“.
Девојката нагласува дека и прекумерното пиење вода не е добро.
„Пред да го почнам предизвикот, разговарав со мојот лекар за да се консултирам дали наглото зголемување на количеството вода ќе ми годи или ќе ми наштети.
И покрај очигледните здравствени придобивки, бев изненадена кога дознав дека има ризици од прекумерното пиење вода.
Лекарот ми кажа дека ако пијам премногу, особено кога е постудено и ако не се движам многу, може да ми создаде низа проблеми.
Но, ако пијам редовно во текот на денот и продолжам со вообичаената физичка активност, ќе чувствувам придобивки“.
Како поминал експериментот на девојката?
Прв ден
„Дури во 15 часот успеав да го допијам првиот литар вода. Остатокот од денот го поминав на бирото и во тоалет – отидов дури 12 пати.
Вечерта си легнав со подуен стомак и сфатив дека овој предизвик сепак е тежок“.
Втор ден
„Следниот ден не се чувствував или не изгледав подобро.
Кога дојде вечерта не бев изненадена што нема очигледни промени уште сега. Но, постојаното одење во тоалет стана заморно“.
Трет ден
„Се разбудив одморена и кога се погледнав во огледалото забележав свежина на мојата кожа. Кожата ми делуваше многу помека и ми изгледаше како подобро да ми ги впива кремовите.
Третиот ден не јадев многу, па бев изненадена што имав енергија за во теретана. Имав и помала желба за храна“.
Четврти ден
„Бев радосна што телото конечно ми се адаптира – немав подуеност и не одев во тоалет на секои две минути.
Претходната вечер испив неколку чаши вино и очекував главоболка. Но, бидејќи бев добро хидрирана, се чувствував одлично“.
Петти ден
„Петтиот ден беше точка на пресврт и почнав да го гледам влијанието од водата.
Темните кругови под очите ми беа посветли. И покрај тоа што станав многу рано, очите ми изгледаа светло.
Се изненадив и што го надминав лимитот – испив три и пол литри вода!“
Шести ден
„Бев изненадена од тоа колку брзо ми се промени кожата – изгледаше свежо и хидрирано.
Уште често одев во тоалет, но придобивките беа поголеми од недостатоците“.
Седми ден
„Седум дена и повеќе од 21 литар вода подоцна, се чувствував и изгледав многу поздраво. Резултатите беа и подобри од моите очекувања.
Најголема промена видов во кожата – лицето веќе не ми беше суво, туку хидрирано и меко, а круговите под моите очи исчезнаа.
Исто така ослабев околу половина килограм, но бидејќи сум со здрава тежина, не очекував поголема промена.
Истовремено, забележав и подобрување со несоницата. Не исчезна, но спиев подлабоко и подолго. Наутро се будев свежа и со енергија“.
Спирова С. | Црнобело
