Работат за 100 евра плата, умираат поради нехумани услови: Мрачната страна зад гламурот на Дубаи (што се крие од туристите)
Работниците во Дубаи кои работат на градилиштата, но и по хотели, спа центри и слично неретко се третирани како робови. Заглавени се во должничко ропство, а некои се присилени да работат во нехумани услови и повеќе од 12 часа дневно.

Дубаи е синоним за раскош и важи за една од најпопуларните туристки дестинации.
Тука сте опкружени со луксуз на секој чекор, градот е беспрекорно чист, стапката на криминал е многу ниска, а овде се и бројните ексклузивни ресторани, хотели со пет ѕвездички, трговски центри со брендирани продавници…
Но, зад целиот гламур на Дубаи се крие и мрачна тајна која туристите како да не сакаат да ја видат – експлоатација која се граничи со модерно ропство.
Бројни организации за заштита на човекови права предупредуваат дека милиони работници донесени од странство се соочени со нехумани и опасни услови за работа, додека голем дел од нив се и во таканаречено должничко ропство.
Работниците најчесто од земји како Индија, Непал, Бангладеш и делови од Африка одат во Дубаи со надеж за подобро утре.
Но, овде ги дочекуваат мизерни услови за работа и за живеење, смешно ниски плати и смени од по 12 часа и повеќе.
Токму овие работници се луѓето кои го изградиле Дубаи каков што го знаеме денес. Истовремено, овде се и вработените по хотели, трговски центри, спа центри и слично кои го одржуваат туризмот во Дубаи.
Екстремно ниските плати се една од главните причини зошто работниците остануваат заглавени во Дубаи.
На оглас за работа за во хотел со пет ѕвездички годишната плата е помеѓу 700 и 1.000 евра. Односно, околу 80 евра месечно.
Во огласот е наведено дека следуваат шест слободни денови месечно, како и бесплатен престој, транспорт и храна.
Кога ќе се земат предвид трошоците за живот потребни во Дубаи, јасно е дека оваа плата не е ни приближно доволна.
На друг оглас за работа во луксузен спа-центар, понудената плата е околу 2.000 евра годишно односно помалку од 170 евра месечно.
Нормално, има и работни места со подобри плати, но мнозинството работници кои доаѓаат од странство живеат во мизерија и практично се робови.
Во поткаст, маж кој поминал три години во Дубаи споделува што го пречекало кога пристигнал таму.
„Во собата бевме десет луѓе. Бевме и мажи и жени и веднаш почнаа да се случуваат непристојни работи. Тогаш брат ми му се јави на газдата и побара да ме стават во друга соба“.
Тој вели дека имал среќа бидејќи брат му веќе неколку години бил во Дубаи и имал некакви конекции. Но, повеќето немале свои луѓе кои ќе им помогнат.
