Им паѓале заби и умирале во агонија бидејќи работеле со радиоактивна боја: Тажната приказна за „радиумските девојки“
Работничките дури биле охрабрувани да ги лижат четките што ги користеле, за да можат да бојат попрецизно.
Облеката, косата, како и кожата секојдневно им биле извалкани со боја со радиум, но наместо да се плашат, на некои им се допаѓало тоа што и самите светат во темно.
До 1920-тите, низ САД имало околу 300 жени на оваа позиција и токму овој период почнале да се појавуваат нивните проблеми со здравјето.
Еден од најпознатите случаи е оној со Моли Магија која во јануари 1922 година отишла на заболекар бидејќи чувствувала болка.
Заболекарот ѝ извадил еден заб, а потоа уште еден, но забележал дека нејзините рани воопшто не зараснуваат, туку се инфицирале.
Заболекарот сфатил дека ќе мора да ѝ направи операција за да ја отстрани инфекцијата, но за време на операцијата видел дека вилицата на жената изгледала сиво.
Кога ја допрел, вилицата се скршила. До летото ѝ била отстранета целата лева вилица на жената, а набрзо потоа, кратко пред да го прослави 25-тиот роденден, таа починала.
Иако симптомите на Моли се појавиле поради изложеноста на радиум, како причина за смртта била наведена болеста сифилис, па фабриката можела да се огради.
Но, другите работнички почнале да забележуваат слични симптоми, како бокли во забите, рани во устата и болки во стапалата и колковите. Се чувствувале сè полошо, а на дел од нив им се појавиле и тумори.
Постепено, девојките почнале и да умираат.
Сега веќе им станало јасно дека бојата со којашто работат сигурно не е така безбедна, но никој не преземал ништо и не ги слушал нивните поплаки.
Овој период, се разболел и еден од основачите на United States Radium Company кој самиот ги уверувал работничките дека се безбедни.
Дури тогаш компанијата спровела истражување кое покажало дека радиумот е опасен и иако пробале да ги скријат резултатите, работничките решиле да се борат.
Во 1927 година, неколку работнички ја тужеле компанијата, нивните приказни брзо се прошириле и поради притисокот од јавноста, компанијата им исплатила оштета.
Многу од девојките не преживеале, дел од нив имале леукемија, на некои морале да им ампутираат екстремитети, а други го поминале целиот живот во кревет, со сериозни здравствени проблеми.
Но, благодарение на тужбата против нивниот поранешен работодавач, фабриките и другите компании во Америка биле присилени да почнат да се грижат повеќе за безбедноста на нивните работници.
Спирова С. | Црнобело