Емилија Гогова од Скопје помага на улични животни: „Еве и ова маче ми го донесоа децата од маало - што да правам?“
„Се развикале тетка Ема, тетка Ема. Излегов, нешто држат во рацете го кренале, висат ножиња. Најдовме маче, ќе го изгазеа автомобили...“, ми велат децата од маало, споделува жената со срце планина Емилија Гогова од Скопје, која веќе има вдомено 30 кучиња во својот дом.

Емилија Гогова од Скопје е самостоен активист кој спасува и вдомува улични животни повеќе од 15 години.
Таа вели дека желбата да му се помогне на послабиот и беспомошниот треба да биде дел од човековата природа.
Токму затоа, помага на многу кученца да имаат подобар и посреќен живот, а сега на нејзината адреса стигнало и едно маче, но имала проблем да го прими поради кучињата кои веќе се дел од нејзиниот дом.

Нејзината објава гласи:
„Еве и ова маче децата од маало го донесоа пред некоја вечер. Се развикале тетка Ема, тетка Ема. Излегов, нешто држат во рацете, го кренале, висат ножиња.
Најдовме маче, ќе го изгазеа автомобили.

И? Оставете го некаде, се обидувам да се ослободам од одговорност.
Додека им објаснувам сликовито на децата како кучињата нема да го прифатат, веќе замислувам како кисне на дождот, гладно и само.

Дај да го видам, видување - земање, веднаш дома на топло, апче за ова, апче за она. Полно болви, од оние големите кафени подуени.

Вратчето веќе му се разголело, паразити, јадат туѓо тело безмилосно, абер немаат.

И што ако тетка Ема сто пати се заколнала дека нема друго животно да земе? Како да ставам крај кога секој ден сум на искушенија?

Додека „туѓите“ животи ги спасувам, мојот си го уништувам!

Да имаше соодветни закони, казни, санкции, да го решаваа овој проблем тие што се платени за тоа, досега ќе го решеа.

