Милена од Скопје: „Вдомивме куче од улица – како Дуња ни го промени животот?“ (фото)

„Интересно е што јас имав паничен страв од кучиња, особено од малечки и многу пргави кученца. Кој би рекол дека токму нашето ќе биде такво?“ - раскажува Милена од Скопје за CRNOBELO.com за искуството со вдомено куче.

Kako-Dunja-ni-go-smeni-zivotot-01.jpg

Милена Стојановска од Скопје, заедно со нејзиниот сопруг Димитар има вдомено кученце од улица на кое ѝ го дале името Дуња.

За CRNOBELO.com таа накратко раскажува какво е искуството кое тие го имале со вдомување куче и како тоа им го променило животот. 

View this post on Instagram

A post shared by ДУЊА 🐾 (@dunjastojanovska)

Проследeте ја нејзината изјава во продолжение:

„Сакам кученца со македонски, човечки имиња. Ако не беше Дуња ќе беше Ратка или Милка… мојот другар има куче по име Стево, а друг мачор по име Страхил. Ваквите имиња ми се исклучително убави и интересни за миленици.

Дуња е вдомена на околу 2-месечна возраст. Ја нашле на улица во Бутел, а потоа следела дете до дома. Неговата сестра ја објави на Твитер за посвојување.

На сликата беше малечко прцулче, не поголемо од чизма. Ние активно баравме кутре за посвојување, бидејќи Диме не сакаше да слушне за купување куче. Тоа едноставно не беше никаква опција.

На толку многу кученца на кои им треба дом и љубов, купувањето куче за него беше безумна идеја. Ние ја баравме Дуња и Дуња нè најде нас.

Верувам дека за сè постои причина, а вдомувањето на Дуња е еден од оние „потези“ на универзумот кои ти го менуваат животот на подобро, засекогаш.

Дуња е прилично темпераментна, сака да шета и да си игра со сите. Сака луѓе, дечиња, кучиња, мачиња, пеперутки и гулаби… ги сака сите.

Откако ќе се изнашета сака да се доигра дома и постојано разнесува играчки. Повеќе не ни треба будилник, во 6.55 Дуња е веќе спремна. Секое утро, вклучувајќи го и викендот.

Добивме многу коментари како Дуња изгледа како расно куче, иако е вдомена од улица. Тоа искрено не нè интересира воопшто, дали е расна или не. Битно е да биде здрава и среќна и да ужива.

Нашите претпоставки се дека голем дел од денот го преспива додека сме на работа, а потоа ни „наплаќа“ за пропуштеното време за дружба.

Освен 2 изгрицкани кабли и една превртена саксија не направила некоја поголема беља, што е сосема нормално за кученце што 7 часа ги поминува сама, херојски во текот на денот.

Не може да се опише среќата која ја чувствуваме покрај Дуња и колку многу нè направи подобри луѓе за толку кратко време. Кучето те учи на внимание, на трпение, на љубов, на пожртвуваност.

Ова го рекле многумина, и го потврдуваме и ние – колку и да имаш лош ден, кога ќе ја отвориш вратата и ќе те пречекаат тие две сјајни очиња и опавчето што непрестајно мрда, забораваш на сè грдо и лошо.

Вдоми куче и имај љубов засекогаш. Не може да биде поточно. Ги охрабрувам сите да вдомуваат што е можно повеќе кученца.

Никогаш не сум посакувала да живеам во куќа, но сега почнувам да копнеам за некоја со поголем двор. Верувам дека Дуња би имала уште најмалку 2 другарчиња за весели дружби.

М. М. | Црнобело / фото: Милена Стојановска

Би можело да ве интересира:

Одговори на најчестите прашања за мачките: Зошто предат, зошто носат животинки, дали ве сакаат? Мачките се идеални миленици за луѓето што немаат премногу време: независни се, н...
Дали вашето куче спие добро + како да му го подобрите квалитетот на сонот? Осигурете се дека е доволно физички активно и не дозволувајте да спие во многу с...
Чував кучиња и мачки - Какво е моето искуство и што можете да очекувате од нив како миленици? Кучето е секогаш умно. Сѐ ве разбира и сѐ ве слуша. Толку е паметно што да можеш...
Дресер на кучиња открива кои раси никогаш не би ги вдомил – Непријатно мирисаат и не се пријателски ... „Мрсната кожа ги прави да мирисаат лошо, без разлика колку често се капат. Од ми...
Низ илустрации: Докази дека мачките и кучињата се од различни планети Додека кучето ве гледа како бог, мачката е убедена дека вие сте ѝ слуга. Дали по...
Колкав е просечниот животен век на популарните раси на кучиња (и како да им го продолжите животот)? Повеќето раси на кучиња живеат по најмалку 10 години. Но, покрај нивниот просече...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg