Наш психолог открива интимни исповеди на мажи од Македонија: „Ниедна жена не ме разбирала освен елитна проститутка“
„Маж пред да дојде кај мене обично почнува со телефонски повици едно 5-6 пати за да ги собере сите потребни информации околу процесот на работа и како ќе изгледа нашиот разговор, па евентуално некаде 7-8 пат ја закажува конечно сесијата“, ја започнува приказната психологот Дора Попова Узуновски и зборува искрено за интимните исповеди на мажите од Македонија и што ги мачи.

Дора Попова Узуновски е психолог, гешталт терапевт и магистер на психолошки науки од областа на клиничката и советодавната психологија.
Таа отворено говори на многу теми, а сега се фокусираше на тема проблеми со сексуалниот живот и исповеди за тоа на мажите од Македонија.

Објавата на Дора:
„Зошто мажите се заљубуваат во „КУ**И“? (именката во текстот има преносно значење, па ве молам така и да ја читате)
Откако почнав да се занимавам со темата сексуалност и партнерски односи, да пишувам и да објавувам за неа - ми се случија многу интересни феномени во работното секојдневие.
На пример, посебно ми е интересно тоа што објавите обично ги лајкуваат жени, пораки и прашања ми стигаат од жени... ама, ми беше изненадувачки дека тие храбрите што се спремни да седнат на фотелјата и да заринкаат подлабоко, се сепак мажи.
Кога жените доаѓаат со таа тема, обично почнуваат од емоционалните доживувања, па се надоврзуваат на сексуалноста, ама мажите доаѓаат со многу конкретни прашања.
И нивните прашања се поврзани со емоционалното, ама почнуваат од другата страна на работите.

Нивниот процес на одлука за психотерапија во врска со темата отприлика изгледа вака:
- телефонски повик по едно 5-6 пати за да ги собере сите потребни информации околу процесот на работа и како ќе изгледа нашиот разговор;
- па евентуално некаде 7-8 пат ја закажува конечно сесијата;
- додека да стигне до врата, тремата и стравот го изеле веќе (што е нормално, посебно ако прв пат доаѓа кај терапевт, па уште и со таква тема);
- на крајот исцрпено седнува на фотелјата и не знае од каде да почне.

Е тогаш прашањата, измачувањата и одлуките кои треба да се донесат отпрлика изгледаат вака:
- Како може ниедна жена на светот да не ме разбира освен елитната проститутка? Само што многу ми е да ја плаќам секој ден.
- Како да ѝ кажам на жена ми дека сакам да се разведеме заради стриптизетата во којашто се заљубив?
- Како може мојата бивша девојка, која беше толку многу опуштена со мене во кревет, сега да биде така опуштена со другите после мене во кревет?
- Како може она мене да ме остави, кога јас ѝ правев што сакав во кревет, па сега отишла со друг?
- Како да ја земам за жена ако ми се врати после раскинувањето кога знам дека била со други, а толку многу ја сакам?
- Како да поминам низ тоа дека имала толку партнери пред мене и да ја земам за жена?
- Се молам секој ден за неа, мојата бивша да не тргне по лош пат во животот со други мажи после мене, еве нека спортува.
- А зошто сум отрпнат целиот и не можам да се врзам за ниедна жена, туку само како објекти ги гледам?