Мајка и ќерка од Македонија се облекуваат во тон: „Тешко е да се најдат исти парчиња за да сме целосно усогласени“
„Тиара (3) обожава да танцува, а во последно време „кујнските авантури“ ѝ се голема радост. Секогаш е со мене кога готвам, па заедно подготвуваме едноставни рецепти. Од неодамна имаме и нејзин профил на Инстаграм преку кој сочувувам драги моменти и ги споделувам со луѓето“, вели Габриела од Прилеп за CRNOBELO.com.

Габриела Илиески (25) е студент на Факултетот за бизнис администрација и сметководство, мајка на 3-годишната Тиара и сопруга на фудбалерот Дарко Илиески.
Поради професијата на Дарко, семејството често се сели и патува, но Габриела за CRNOBELO.com вели дека ужива во тие моменти, бидејќи се авантуристички, особено со мало дете, но и дека повеќе ги зближуваат како семејство.

Таа, пак, е голем вљубеник во модата, поради што, честопати избира комбинации во кои е модно усогласена со својата ќеркичка - некогаш стилски, некогаш во тон.
Фотографиите ги објавува на своите социјални мрежи, а поттикната од шармот на малата Тиара, од скоро ѝ отвори Инстаграм профил Tiara.journeyy, кој го води таа, а на кој споделува забавни видеа од ќерка си и фотки на кои Тиара е вистинска мала ѕвезда.

За својот живот, семејството, патувањата, модата, Габриела вели:
„Предавањата на факултет ги следам на далечина поради професијата на сопругот.
Паралелно со студиите, се занимавам со онлајн маркетинг, што ми овозможува флексибилност и можност да работам од каде било.
Потекнувам од Прилеп, а во моментов живеам во Кавадарци, каде ќе останам до мај 2026, а понатаму сè уште не е дефинирано каде ќе се преселиме.

Пред раѓањето на ќерката бевме сами со сопругот во Словенија, во Копер, каде што поминавме околу шест месеци.
По нејзиното раѓање, живеевме една година во Струга, а потоа една и пол година во Скопје.
Потоа отпатувавме во Душанбе, Таџикистан, каде што поминавме 6 месеци, па уште 6 месеци во Фиер, Албанија.

Тиара иако е мала, забележува многу работи и секогаш се радува на нови искуства.
Од местата што сме ги посетиле, последно бевме во Дизниленд во Париз и таму беше навистина воодушевена, особено од ликовите и шарените паради.
Во авион никогаш немаме никаков проблем, секогаш е мирна, а јас секогаш носам разни занимации за да ѝ биде интересно.
Секако, сака и кога ѝ раскажувам за нашите патувања - со голем интерес гледа фотографии и ме прашува повторно за нив.

Таа е родена во Битола и има 3 години. Првпат го слушнавме името Тиара како име на милениче, но толку ни се допадна, што уште кога бевме девојка и дечко, со сопругот си рековме дека ако некогаш имаме ќерка, ќе се вика така.
Никогаш не размислувавме за друго име - за нас тоа беше најуникатното и најпосебното, а до ден денес не сме сретнале друга со тоа име.
„Тиара“ значи круна, крунисување на нашата љубов, и навистина ја доживуваме како најубавото нешто што ни се случило.

Од првиот ден сме заедно и целосно сме ѝ посветени - јас и сопругот, без никаква помош од страна.
Секојдневно со неа поминувам време во активности што ја прават среќна - од прошетки и игра во паркот, до забавни игри по Монтесори метод.
Најмногу обожава да танцува, а во последно време и „кујнските авантури“ ѝ се голема радост.
Секогаш сака да биде со мене кога готвам, па заедно подготвуваме едноставни рецепти.
А дома, речиси секогаш е на штикли, нашминкана и во фустани - тоа е нејзин мал свет во кој се чувствува како принцеза.
Имаме и нејзин Инстаграм профил, каде што споделуваме моменти од секојдневието и малите авантури.

Што се однесува до облекувањето во ист стил, тоа е некогаш е планирано, а некогаш сосема случајно, но и на двете ни е убаво кога ќе се погодиме во тон.
Искрено, тука во Македонија е многу тешко да се најдат исти парчиња за мајка и ќерка, па затоа ретко имаме целосно усогласени комбинации.
Јас најмногу сакам удобни патики и спортски комбинации, бидејќи така се чувствувам најопуштено. Тиара, пак, обожава фустани и ако може, секој ден би била во нов фустан.

Од мала ја сликав и објавував нејзини фотографии и видеа на мојот Инстаграм профил.
Со текот на времето почнав да добивам многу пораки од луѓе кои ми кажуваа дека нивните деца ја гледаат, ја сакаат и уживаат во нејзините видеа.
Често ми пишуваа да ги зачувувам во хајлајтс за да можат повторно да ги гледаат, а истовремено добивав и многу пофалби за тоа како ја воспитувам и колку е напредна за својата возраст.
Така ми дојде идејата неодамна да ѝ отворам нејзин профил.

А таму објавуваме сè по малку - моменти во кујна, игра, пеење, мода, затоа што Тиара сака буквално сè.
Снимањето во кујна е најлесно, а со неа генерално е лесно да се снима и слика - доволно е да ѝ пуштам музика и веднаш е расположена и без никаков проблем позира или учествува.
Сопругот е повеќе посветен на фудбалот, па не го интересира многу профилот, но му е важно дека Тиара ужива.
Мене, пак, ми е најубаво тоа што преку профилот чувам драги моменти, а луѓето често ми кажуваат дека ја препознаваат искреноста во тоа што го споделувам.
Не сите снимки се планирани. Многу од најубавите моменти ги „ловам“ спонтано, кога Тиара е опуштена и своја.

