Бев на патување во Болоња и Фиренца на три дена – што вреди да се посети и каде го платив најскапиот Аперол од 22 евра?
Освен моментите на уживање, доживување на шармот на градовите и посетата на значајни знаменитости, да, на ова патување имаше и инстаграмџиски мигови … Вино од прозорче за 8 евра, Аперол шприц на руфтоп над Фиренца кој чинеше 22 евра и чекање редици за познатите сендвичи со фокача полни со мортадела и крем од ф’стак. Дали вреди да се посети Болоња? Дефинитивно. Дали се доволни 2 дена? Прочитајте повеќе…
За патувањето со другарки, од кои 3 живееме во Скопје, а 2 на други места низ Европа, беше навистина тешко да најдеме дестинација која ќе биде поволна за летање, но и пристапна со цена, со тргнување од три различни места, па после долга потрага, Болоња беше финалниот избор.
Слушнав многу различни мислења за овој шармантен италијански град – некои ми рекоа – нема што да правиш таму повеќе од 1 ден, досадно е, нема ништо што да се види…
Други пак, беа воодушевени од магијата на градот која ја почувствувале шетајќи низ уличките и плоштадите, уживајќи во гастрономското искуство кое го нуди градот.
Јас сум од вторите, иако, има вистина во тоа дека е мал град кој се шета во еден ден.
Отидовме без преголеми очекувања, бидејќи секако градот е помал и не може да замислуваме дека ќе го видиме Рим со својата грандиозност, но важно ни беше да се дружиме и да доживееме ново искуство кое ќе ни се брои.
Па да почнам од почеток со сите информации кои можеби ќе ви бидат потребни ако го планирате следното патување таму.
Од Скопје има директен лет до Болоња, кој натаму траеше нешто помалку од 2 часа, а превозот до железничката станица е одлично организиран.
Веднаш штом ќе поминете пасошка контрола, буквално насекаде има знаци кои насочуваат кон Marconi Express, брз воз кој вози на релација аеродром-железничка станица Болоња и обратно.
Возовите пристигаат отприлика на секои 10-тина минути, а возењето трае околу 7 минути. Билети може да се извадат на автомати кои ги има пред влезот на станицата, но може да платите и со бесконтактна картичка – само ја допирате на екранот и вратите ви се отвораат, а автоматски ви повлекуваат 12-тина евра (цената проверете ја на сајтот).
Сместувањето ни беше на 8 минути од железничката станица, па пешки се упативме натаму и по пат уживавме во жолто-портокаловите бои на објектите кои зрачеа со посебна убавина дури и во ноќта.
И нешто што ми остави впечаток – на семафорите имаат жолто светло и за пешаци, со одбројување секунди додека да се вклучи црвено за да нема несакани инциденти.
Моја препорака е да најдете сместување во околината на кругот на центарот на градот, иако Болоња е мала, сепак подобро е да сте блиску до сè – ние не искористивме јавен превоз ниту еднаш, па не знам точно како е организиран, бидејќи секаде се движевме пешки.
Со оглед на тоа што претходно добивме коментари дека за да се прошета Болоња доволен е само еден ден, решивме следниот ден да го искористиме за целосно да ја истражиме, вториот ден ни беше резервиран за Фиренца, а третиот ден, повторно во Болоња, со малку побавно темпо и вечерта се упативме кон аеродромот.
Од аспект на прошетка и разгледување на некои поважни и популарни знаменитости – навистина е доволен еден ден, но тоа не значи дека не би имале што да правите повеќе од еден ден, бидејќи можете да уживате во други помалку познати атракции или шармантни улички и местенца кои не ги посетуваат сите.
Со оглед на тоа што сакавме да ги пробаме познатите сендвичи, нашата стратегија беше тоа да ни биде прв оброк кој ќе нè држи цел ден додека движиме низ рутата која сами си ја направивме.
Па така, прва станица ни беше Mo Mortadella Lab, каде што го пробав најубавиот сендвич со топло потпечено лепче, полно со мортадела, страчатела сирење, сув домат и други додатоци – дефинитивно го препорачувам, иако во животот не сум била фан на салами.
Имаше голема редица, но чекањето беше уредно контролирано од редар кој не дозволуваше да настане непотребна гужва и додека чекавме ни подели менија за да бидеме спремни кога ќе стигнеме на ред за нарачка.
Оттаму продолживме редоследно да ги посетуваме знаменитостите кои водат до нашата последна точка за тој ден – Болоњскиот универзитет, а по пат уживавме буквално во секое ќоше, плоштад, поголем или помал, шармантни улички со калдрма, улични уметници, колоритни фасади, пролази под сводови, слатки прозорчиња и луксузни излози.
Се упативме кон Piazza Maggiore, плоштадот кој е срцето на градот, опкружен со неколку големи и значајни згради, како Palazzo D’Accursio, Basilica of San Petronio, главната црква на градот со спектакуларен изглед, Саат кулата каде за 10 евра може да се качите и да уживате во панорамски поглед на Болоња и уште неколку други градби.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





