„Бев во Чинкве Тере и низ Тоскана, возови, магични селца, недогледни лозја - вредеше патот со автобус од Скопје дотаму“
И откако Чинкве Тере ме восхити во живо, исто беше и со магичните Сиена и Сан Џимињано, дел од Тоскана.

Недогледни полиња лозје, висорамнини, винарии во стари куќи од камен, токму таква Тоскана за каква сонуваме.

Во Сиена го имав најубавото искуство, наидов на седенка по повод некаков фестивал на цвеќе, односно платив 15 евра, јадев највкусни италијански специјалитети и пиев колку сакам заедно со сите Италијани на масите.

Јас и мојата сопатничка бевме единствените туристи таму, а мислам дека дури и тие самите се зачудија како сме „завршиле“ таму, но им беше навистина мило колку уживавме.
А тие разџагорени, насмеани, полни со живот во секоја доба од животот. Едноставно прекрасни!


Но, мора да споменам дека на патувањето запознав и инспиративни луѓе од Македонија.
Постар брачен пар (жената 61, а мажот 69 години) кој се фанатици за патувања, и патувале по околу 25 пати годишно, а наредниот уплатен аранжман им е за Балтичките земји.
Епа секоја чест! И јас би сакала така да „остарам“, односно да останам вечно млада како и тие и со нескротлива страст да видам што повеќе од светот.

Инаку, Сиена е средновековен град со многу историја, „ривал“ по убавина на Фиренца. Познат е по „Piazza del Campo“, еден од најубавите плоштади во Европа, како и по коњските трки.

Сан Џимињано, пак, е мало средновековно гратче, познато како „градот на кулите“. За мене омилено од Тоскана.


Ме маѓепса цвеќето, пејзажите, најубавиот сладолед на свет во светски познатата „Gelateria Dondoli“, човекот кој изведуваше сцени од „Божествената комедија“ на италијанскиот поет, писател и мислител Данте Алигиери, роден во Фиренца.



