„Бев во Минхен, а го посетив и најубавиот замок во Европа - Баварија е како од бајките, летав од Скопје до Меминген“
Имав среќа да ги начекам и последните денови од Пролетниот фестивал Frühlingsfest, кој го нарекуваат помалата сестра на Октоберфест.

Многу лулашки, светла, млади, но и стари, облечени во традиционални баварски фустани и комплети, огромни шатори, каде се пие пиво, се мезат колбаси и се ужива во изведби во живо.
И ако заборавите да наздравите со криглата пиво од 1 литар, музичарите ќе ве потсетат кога е време за „на здравје“.
Го видов и најубавиот огномет во животот, седната на скали со локалците, кој се одржа на претпоследниот ден од фестивалот.

Минхен е чуден спој... Уживав да се „излежувам“ по парковите, притоа правејќи 25.000 чекори на ден.

За три и пол дена видов многу повеќе од луѓе кои престојувале и по цела седмица, ми прокоментира некој познаник. Но, да, градот ми беше магичен, едноставно ме повикуваше.

И ова беше еден од ретките каде си кажав да, би можела да живеам.
Добро, сепак не со македонски примања. Студентска соба чини 700 евра, а кириите за цел стан се вртоглави. Цена на кригла пиво од 1 литар е 14 ипол евра, но сепак постојат и локални барови каде ќе најдете и за 5 евра.

Но, дека во Минхен некако животот е поквалитетен, воздухот подобар, сè е совршено организирано за олеснување на животот, вистина е.


И млади танцуваат надвор, се сончаат на хамоци пред библиотеки, сите возат велосипеди и сите некако дишат зеленило, пулсираат со него...

И без трошка нервоза се чекаат огромни редици да се проба сладолед од некои од најпознатите светски синџири, и се ужива во пивници, и сè е некако брзо, но сепак поспоро од кај нас.
Ми се допадна всушност што знаат да застанат, да легнат, да го гледаат зајдисонцето, да се капат во река, всушност да живеат на начинот на кој сакаат, буквално како никој да не ги гледа.

До некаде и тоа е смислата, нели? Среќата е во малите работи!

