„Бев во Минхен, а го посетив и најубавиот замок во Европа - Баварија е како од бајките, летав од Скопје до Меминген“
„Со евтин лет од Скопје од околу 2h и автобус од околу 1.5h стигнав до Минхен. А таму? Неверојатен панорамски поглед од црквата Свети Петар, магичниот плоштад Marienplatz, најубави зајдисонца од ридот на Олимпискиот парк и пикник со локалците, а и смарагдна река со сурфери среде градот... Минхен, убав си! Ах, да, гледав и огномет на Пролетниот фестивал, кој е помала копија на Октоберфест“.

Внук ми студира во Минхен, па така спонтано градот дојде на мојата листа за дестинации кои треба да се посетат.
Летав околу 2 часа од Скопје до Меминген, а оттаму со автобус за околу час и половина стигнав до Минхен.

Цената на автобускиот повратен билет, ако го купите однапред, е 34 евра.
Но, овој пат не се најдов во авион преполн туристи, туку во авион преполн македонски печалбари. И во двата правци тие брзаа да си ги видат своите во Македонија или, пак, да се вратат во Германија - нивниот сега веќе прв дом.

И многу нашинци живеат во тој крај, но при прошетките во Минхен не сретнав ниту еден Македонец, освен другар на внук ми, кои исто како и тој е младинец со какви Македонија се гордее – амбициозни, со одлични факултетски резултати и кои се светла точка за нас.
И да се вратам назад...

Минхен ми беше претставен како сив и дождлив, но мене и сестра ми Минхен нè пречека во најубавото пролетно издание.
Совршен спој на сонце и облаци наизменично, без ниту капка дожд, но слоевито облекување? Задолжително!

Десетици пати во текот на денот сменив кратки ракави vs. кожена јакна.

Градот има архитектура од која застанува здивот, панорамски поглед од Свети Петар црквата во центарот, од каде го гледате магичниот плоштад Marienplatz, најубави зајдисонца кои треба да ги гледате од ридот на Олимпискиот парк, седнати на пикник со локалците, и река во oгромниот парк Englischer Garten со смарагдна нијанса среде градот на која има сурфери.


Толку многу зеленило, толку многу уредени населби, особено за семејства со деца, толку точен до минута превоз со метро, трамваи, возови и што уште не, одамна не сум видела. Можеби од Виена...


Со неделен билет од 24 евра можете да користите јавен превоз каде сакате во Минхен и колку сакате. Без куцање и контроли, само влегувате и крстосувате низ градот, во кој секое ќоше е совршено поврзано.

