Сандра Кирков за патувањето во Дубровник, каде студирала: „Каде и да залуташ, ќе завршиш на убаво место“
„Дубровник е еден од ретките градови каде што никогаш не брзам. Ми се шета без план, ми се пие убаво кафе и убаво вино. Сѐ што гледам ми е мевлем за очи и душа“, вели Сандра Кирков и се потсетува на магијата од студентските денови таму.

Сандра Кирков од Скопје, дипломиран економист со завршен факултет во Дубровник, Хрватска, инфлуенсер со 40.000 следбеници, како и некогашна стјуардеса за компанијата Fly Emirates, сега одлучи повторно да го посети градот со кој ја врзуваат најубави спомени од студентските денови – Дубровник.

Таа ужива на оваа магична дестинација со своја пријателка и на одличен начин ни го доловува шармот на секое ќоше од овој град.

Сандра за Дубровник вели:
„Реков дека ќе се трудам барем еднаш годишно да доаѓам како турист, но тешко е така да го доживееш местото каде што си живеел, студирал и создавал спомени што сè уште траат.
Понекогаш не патуваме за да откриеме нови места... Патуваме за да се потсетиме кои сме биле кога сме биле во еден од најсреќните периоди од животот.

Во Дубровник каде и да тргнеш ќе завршиш на убаво место.
Да свртиш лево наместо десно, да залуташ по некоја уличка и да не си оптоварен со ништо. Обично таму е најубавото.

Еден од ретките градови каде што никогаш не брзам. Ми се шета без план, ми се пие убаво кафе и убаво вино. Сѐ што гледам ми е мевлем за очи и душа.
Како што знаат да кажат - секој камен крие своја приказна“.




