Москва - спој на класичното и модерното: Сообраќаен метеж, облакодери, зеленило и слатки палачинки

Сакам кога без многу размислување ќе ја одредам дестинацијата за следното патување. На пример, кога се наоѓам во некој град со интернационален аеродром, отворам веб-страница на ниско буџетна авио-компанија и ја бирам дестинацијата што ќе ми ја фати окото. 

moskva spoj na klasicnoto i modernoto soobracaen metez ogromni oblakoderi i slatki palacinki 6

Последниот двобој се водеше помеѓу Тел Авив и Москва. На крај се одлучив за руската престолнина и уште тогаш знаев дека го направив вистинскиот избор.

Летот од Дебрецин до Москва траеше околу два часа и по слетувањето на аеродромот Внуково се најдов во напната пасошка контрола. Самото чекање и нервозното тапкање на нозете ме растревожуваше, додека во главата имав бубалки кои ме измачуваа со секакви прашања.

Во пунктовите пред мене се наоѓаа средовечни жени, најголем дел од нив со кратки коси и без никакви изрази на лицето. Зборуваа исклучиво руски јазик, даваа кратки одговори и често го креваа гласот. Или скратено речено, се однесуваа навистина строго.

Истите пунктови беа драстично повисоки од нас, уште од самиот почеток минирајќи те како личност. Додека ми го прегледуваа пасошот, имав чувство дека се наоѓам на суд, без да ја знам конкретната причина. Мислам дека Јозеф К. најдобро може да ме разбере.

Штом го слушнав звукот на печатот, речиси полетав од радост. Со тоа што ми дозволија да влезам во Русија имав чувство како да ми прават услуга. Олеснителна околност за нас, Македонците, е тоа што не мора да вадиме виза, може да влеземе со специјален ваучер со хотелска резервација.

И секако, после контролата може да одиш каде и да сакаш. За мене, кауч-сурфинг опцијата секогаш е на прво место.

 
 
 
View this post on Instagram
 
 

Немав никакви очекувања за Москва, но по пристигнувањето сфатив дека ова е mind-blowing city. ? @poetry.travels ~~~~~~~~~~~~ - - - #инстаграмџии #фотонанеделата #фотонаденот #vscobalkan #vscomacedonia #travelgram #ig_russia #roamtheplanet #unlimitedparadise #dametraveler #planetdiscovery #discoveryearth #mskpit #mosquarium #moscowdays #moscowonline #insta_moskva #moscowdaily #iamtb #living_europe #living_destinations

A post shared by Evgenij Houp (@evgenij.houp) on

Кога излеговме од аеродромот, нé нагрнаа таксисти кои ни нудеа превоз до центар на Москва, секако по многу повисока цена. Кога на еден од нив му кажав дека сакаме да ја поделиме сумата со уште една жена, тој намуртено ме погледна и без да проговори ми ја сврте главата.

Од овој момент започнаа да се случуваат интересни работи. Ако до тогаш сметав дека Париз територијално е голем град, на крај излезе дека Москва е 20 пати поголем од Париз.

Да се стигне од еден до друг крај на Москва треба да се поминат 60 километри, а ако се земат во предвид и перифериите, тогаш километрите стигнуваат до бројот 200.

moskva spoj na klasicnoto i modernoto soobracaen metez ogromni oblakoderi i slatki palacinki 5

Иако досега имам посетено голем дел од градовите во Европа, никогаш се немам почувствувавано толку мал во некој град, како во Москва. Дури се возев по Ленински проспект и ги гледав станбените згради од Советскиот Сојуз и оние, новоизградените, имав чувство како сé околу мене да се зголемува и се стреми да ме голтне. Тоа е мрачната страна на метрополите. Грамадно, надвиснато и непокорно.  

За мене метрото во Москва е едно посебно доживување, а возењето е навистина евтино. Едно возење чини 36 рубљи (околу 30 денари).

Кога се најдов во ходниците, десеттици метри под земја, се прашав себеси дали стојам во уметничка галерија или на обична метро-станица. Иритирачки е тоа што пристигнувањето и заминувањето на возот прави толкава врева, што те здоболува глава, но барем знаеш дека си безбеден, зошто од секој агол демнат очи на полицаец. 

Како што и очекував, најголем број на туристи најдов на Црвениот плоштад, кој го разделува Кремљ, поранешната кралска цитадела со историскиот кварт – Китај Город. На плоштадот се наоѓа Лениновиот мавзолеј, Црквата на Св. Василиј, чии куполи потсетуваат на топки сладолед, Ибериската порта и ГУМ, стоковна куќа со светски брендови, или шопинг мол за луѓе со длабок џеб.

Изгледот на овој познат објект е навистина интересен зошто претставува комбинации од руска средновековна архитектура, заедно со стаклен покрив и челична рамка. Не е воопшто за чудење, но Црвениот плоштад, како и секоја уличка од Москва е преполна со посетители од Кина, кои се движат во групи и сите се „замаени“ со своите фотоапарати.

moskva spoj na klasicnoto i modernoto soobracaen metez ogromni oblakoderi i slatki palacinki 2

Црквата на Исус Христос Спасителот е една од најубавите катедрали што ги имам видено досега. Освен тоа што е највисок православен објект и што се наоѓа на кејот на реката Москва, постоечката структура, изградена во 1990 година, всушност е реконструкција на истоимениот храм, изѕидан уште во 19-ти век.

Оние кои ја знаат руско феминистичката панк-рок група Pussy Riot, сигурно се запознаени и со настанот кога трите членови на бендот, огорчени од политичката ситуација во Русија се качиле на олтарот на црквата и побарале од Господ да го тргне Путин од лицето на земјата.

moskva spoj na klasicnoto i modernoto soobracaen metez ogromni oblakoderi i slatki palacinki 1

Шега на страна, можеби нема да ви се верува, ама за тие неколку дена во Москва никогаш се немам почувствувано побезбедно. Полиција има на секој втор чекор, во метро, трговски центри и слично задолжително поминуваш на скенери, ако си им доволно сомнителен на службениците на власта можат да дојдат и дополнително да те претресат. Како што мене секогаш ми правеа со ранецот во кој ми се наоѓаше фотоапаратот. 

Паркот Горки е еден од најпознатите паркови во Москва, именуван по писателот Максим Горки. Тука може да налеташ на секаков вид на уметнички и рекреативни настани, а во зима, паркот е познат по тоа што многумина доаѓаат за да се лизгаат на мраз.

Голем впечаток ми остави тоа што 1/3 од Москва е во зеленило. Паркови, градини и шуми има насекаде, што претставува еден незаменлив филтер за град со толкава населеност. 

Москва не град, тоа е држава сама по себе.  Таму сите се индентификуваат по населбата во која се родени или во која живеат, зошто ако се претстават дека се од Москва, тоа е премногу опширен поим.

Освен тоа, Fabebook и не е толку популарен во Русија, освен за оние кои имаат пријатели од странство со кои сакаат да останат во контакт. Интернет платформата www.vk.com е социјална мрежа каде можат да се најдат сите Руси, кои уживаат да се „дават“ во супи и слатки палачинки.

moskva spoj na klasicnoto i modernoto soobracaen metez ogromni oblakoderi i slatki palacinki 3

Не знаев дека пред Светското првенство во фудбал имало многу малку странски туристи во Москва, но по завршување на првенството нагло почнале да доаѓаат, затоа што секој кој имал купено билет може до крајот на годината (и тоа без виза) да ја посети Русија.

Москва е град што ги поврзува класичното и модерното. Многу ретко слушнав некоја американска поп песна додека шетав наоколу. На пример во некои трговски центри имаше класична музика, што многу кажува за самиот град.

Москва е место каде се спојуваат советски облакодери и згради, со свети храмови, авении и автопати. Москва не е Русија, тоа е очигледно. Веројатно кириличното писмо и зборовите и фразите што можев да ги разберам на улица ми направија да се чувствувам попријатно, некако поблиско, поприфатено.

moskva spoj na klasicnoto i modernoto soobracaen metez ogromni oblakoderi i slatki palacinki 4

За Москва може да се пишува со денови. Таа е неисцрпен извор на информации, приказни. Она што на крајот ми ја замагли сликата за овој град е сообраќајниот метеж.

Тоа го сфатив по пристигнувањето на аеродромот Внуково, сфаќајќи дека сум го пропуштил летот до Дебрецин. Не беше моја вина. Веројатно така требало да биде. Никој не можеше да предвиди дека педесет километри со такси ќе ги возиме три часа.

Имаше толкав сообраќаен метеж што се чувствував клаустрофобично. Попат бев сведок на најмалку пет сообраќајни незгоди. Кога се соочив со фактот дека сум заробен во Москва, лутината почна да зоврива во мене и за чудо, не траеше долго.

Прстот си го насочив спрема себеси и ја прифатив реалноста, без да имам желба да ја променам. Штом емоциите се сталожија, а фрустрациите исчезнаа сфатив колку Москва е моќен град и колку е поразлична од сé она што дотогаш го имав посетено.

Кога работата се заврши, кога зад себе ја оставив Русија, разбрав колку ми недостига овој град, кој со години одбивав да го посетам.  

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

8 најубави плажи во Хрватска за одмор со мали деца На кои плажи во Хрватска морето е најчисто, плитко, а има и голем број активност...
Ќе ве качиме во „кајчето на Лихнида“ и ќе ве одведеме до петте најубави локации во нашиот бисер Охри... Рибарите ги прибираа мрежите. А езерото мирно, душа да си одмориш. И додека убав...
Предлог за кратко викенд патување: 5 преубави македонски села Овие пет села се само мал дел од богатата ризница на Македонија. Ги има уште мно...
Ја посетив Махо, популарна плажа до аеродром на Карибите - Постојано нè надлетуваа авиони, имаше огр... На островот Сент Мартин вистинска атракција е плажата Махо, само поради нејзинат...
Го посетив селото на Попај морнарот во Малта - бајковита дестинација која ме врати во детството и ми... Она што навистина ме врати во детските денови и ја разбуди мојата меморија со сл...
5 од најубавите плажи во Шпанија со тиркизна вода и златен песок Шпанија е позната по своите прекрасни плажи со кристално чиста води, а во продол...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg