Фото приказна: Копришки водопад - уште една скриена убавина во Македонија
Гледам секој момент од слободното време да го поминам во природа, но не и да посетувам едни исти места цело време. Поради обврските, најчесто викендите ми го овозможуваат тоа препородувачко задоволство на духот и телото. Неодамна заедно со неколку пријатели се решивме да го посетиме Копришкиот водопад, и мора да признaам дека дури и недела дена подоцна бев под импресии од таа убавина што се испречи пред моите очи.
Патот не е толку комплициран. Откако ја поминавме Демир Капија возевме до селото Дрен, каде на една чистинка го паркиравме автомобилот и пешадија се упативме спрема селото Копришница. Имавме за одење некои пет километри, но верувајте ми, толкаво прочистувања одамна немав почувствувано во себе.
Самото жолто-портокалово опкружување беше како еден вид сетилен мевлем, ништо не ми беше потребно таму, а најмалку интернет.
Свративме до црквата „Свети Ѓорѓија“, најмногу посетена за време на Ѓурѓовден, а обновена пред неколку години со летниковец и во пространиот двор налетавме на неколку луѓе кои се занимаваа со планински велосипедизам.
Ни рекоа дека има две патеки до водопадот. И двете обележани, само што едната беше лесно достапна, но подолга, а другата пократка, но за нијанса потешка за пешачење зошто се поминува низ карпест и стрмен предел.
Немаше никакво двоумење, па се решивме за поадреналискиот избор, зошто очекуваме дека таму ќе се соочиме со еден поинтензивен набој на емоции и искуства.
Од тесни патчиња низ густа шума, до лизгаво земјено тло со паднати лисја и еден скриен поглед на хармонија.
Сето тоа беше дел од опкружувањето и кога најпосле пристигнавме до Копришкиот водопад или како што подоцна го именував уште една скриена убавина во Македонија, останавме сосема изненадени од привидот.
Потсетуваше на некаква сцена од епска фантастика, на нешто што не би ни можел да го замислиш додека си заглавен во сообраќајниот метеж и високите бетонски згради.
Оваа природно луксузирање, ако можам така да се изразам траеше час и половина. Едногласно решиме и заминеме пред исчезнувањето на дневната светлина.
Си отидовме без никакви очекувања, а се вративме со новородена желба да посетиме уште слични место во Македонија. А сигурен сум дека ги има уште многу, без воопшто да бидеме свесни за тоа.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело
Би можело да ве интересира:





