Змиски остров – место каде човечката нога не може да стапне
Во светот постојат легенди за исчезнати острови, за острови со скриено богатство, митолошки суштества и портали до други димензии, но има и еден необичен остров што е толку реален, а човечко суштество не може да стапне на него.
На 40km од крајбрежјето на Бразил, се наоѓа еден остров за кој се раскажуваат секакви приказни. Според некои усни преданија и наводи, таму имало луѓе сè до крајот на 1920 година, кога чуварот на светилникот и неговото семејство билe убиени од отровни влечуги.
Меѓу последните стории се вбројува и онаа за еден рибар, кој откако се доближил до бреговите на островот, после неколку дена бил пронајден во локва крв во своето бротче.
Името на островот е Ilha da Queimada Grande и невозможно е да се посети. Толку е опасен, што многумина се згрозуваат од самата помисла, а низ телата чувствуваат како нешто ги лази.
Злото на островот, ако може така да се изразам, или опасноста, доаѓа од големиот број златни змии, чиј отров е толку моќен, што зачас го усмртува својот плен. Токму поради ова, отцепеното парче земја е наречено и Змиски остров.
Се претпоставува дека островот е дом на неколку илјади вакви змии, кои катадневно се во исчекување некој да залута и да им дојде во пресрет.
Се вели дека на секој метар квадратен има барем по една отровна змија.
Денес, морнарицата периодично го посетува светилникот на островот за да се осигури дека некој залутан авантурист не се доближува до брегот на Змискиот остров.
Колку и да се згрозуваме од помислата и од она што може да нѐ снајде таму, добиваме и желба да се впуштиме во една ваква авантура.
Но, да бидеме сигурни дека по некаков склоп на околности, ќе извлечеме жива глава, а тоа никој не го гарантира, па подобро да си седиме мирни...
Автор: Х. Е. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





