„Бев со „буба“ на пат низ Македонија – авантура што нема да ја заборавам“

Ако порано патувањата ги рангиравме според дестинациите што ги посетувавме, сега истата равенка не е во функција. 

retro-avantura-so-buba-od-skopje-do-kuklica-i-otoshnicko-ezero-pa-se-do-kukjarka-na-drvo-vo-dusanlend-i-na-kokino-na-zajdisonce-01.jpg

Едноставно целиот образец што постојано се провлекуваше во нашите животи изгуби на значење. Пандемијата одзеде голем број на нијанси од нашето секојдневие, но и додаде по некоја нова. Иако на многумина им требаше повеќе време, сепак на крај сконтаа дека не е важна дестинацијата, туку друштвото со кое се патува.

„Не сакајќи“, излезе дека цело лето дома не се прибрав. Ми годеше. Едноставно не можев да се замислам како катадневно дремам во своја соба, додека многу неоткриени места будно ги чекаат моите стапала да стапнат таму.

Држев некој континуитет. Но, ми се случуваше да се сноваам од еден до друг крај на Македонија на секои неколку дена. Е, тоа беше право уживање!

Длабоко ми остана во сеќавање еднодневното патување и тоа „ни мање, ни више“ туку со култните буби на The Beetles Club. Едно саботно утро, накај шест-седум со добра екипа се чекавме пред кафе-бар „Че“ од кадешто и започна целото патување.

Онака, поспан, без кофеин во себе, штом го слушнав звукот на ретро сината буба знаев што ме очекува. Го поднаместив сламениот шешир на глава и се траснав на предното седиште, подготвен да засведочам нешто поразлично. Или како што дедо ми би го нарекол „патување од времето …“.

Се упативме спрема Куклица, на 8 километри северозападно од Кратово. Тоа беше нашата прва дестинација. По пат се потсетивме на легендата за проколнатите младенци, за гневот на тажната девојка, чија неизмерна болка го проколнала саканото момче за време на венчавка со друга девојка. Сите до еден биле скаменети.

Иронично е, но овој локалитет е познат и како „Весела свадба“. Демек гостите се сториле во камен со насмевки на лицата, а младенците паднале во вечност, прегрнувајќи се.

Бевме единствените посетители. Не ме чудеше тоа, сепак беше претопло. На секои десеттина минути морав да пијам вода ако не сакав да се оптегнам на вжештената земја. Не беше лошо, иако во Куклица имав одено и порано.

Потоа продолживме до Отошничко Езеро во близина на селото Отошница. Местото ми беше познато од зборување, доста кумановци одеа на пикник таму.

Додека сè уште траеше полицискиот час, правевме планови со неколку другари да одиме и да кампуваме покрај езерото, ама на крај јас не заминав со нив. Морав да одам во семејната викендичка во Јачинце и да му помогнам на татко ми околу бавчата.

Речиси и го обиколивме целото Отошничко Езеро, онака отстрана напентерен на светло сината буба, внимавајќи да не ме удри некоја немилосрдна гранка по фаца. Она што ме извади од такт беше ѓубрето кое го имаше насекаде. Да можев би забранил пристап на оние кои го фрлаат истото. Крај! На враќање се поздравивме со една група на рибари и млади луѓе кои се капеа во езерските води.

Со раскркорени црева, се одвезовме до селото Ранковце, до едно волшебно место, речиси и непознато на пошироката јавност. Душанленд, така беше крстен просторот кој на големо потсетува на Недојдија… И има куќарка на дрво и самото место те враќа во детството, во тој периодот по кој сите тежнееме. Детски сон на секое човечко битие.

Нема никакво сомневање дека Душанленд ќе ти овозможи бајковидна перспектива на животот. Да можев, би останал таму со денови.

Заедно со екипата се впуштивме во подготовка на јадење на камен. Одамна немав каснато толку вкусно нешто. Од пржени јајца, гравче, од тиквички, колбаси, шопска салата…

Уживав во секое залаче, а посебно задоволство ми направи што јадевме со прсти. Макавме со мерак, а пауза правевме со голтка ракија. Кочан ладна.

Ме фати дремка. Но, не можев да си го дозволам тој благодат. За да ја завршиме големата авантура како што доликува требаше да стигнеме на уште едно место – Кокино.

Го бркавме зајдисонцето и моравме да го видиме. Летавме со буба низ кривулестиот пат, иако имав одено многу пати, пак ми беше возбудливо. Патувањето со буба му даде поавантуристички шмек на целиот ден.

Штом излеговме, се истрчавме по карпите. Де гледавме во часовникот, де пред нас да не се испокршиме. И на крај стигнавме до целта. Хоризонтот гореше. Различни нијанси на златно-портокалова боја се прелеваа во моите зеници.

Стоев со подадени раце, благодарен на околностите што ме доведоа тука и сега, и си повторив дека нам, луѓето, ни треба повеќе зајдисонца во животот. Не за друго, туку да научиме како да се ослободиме од непотребните работи и да продолжиме понатаму.

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Ќе ве качиме во „кајчето на Лихнида“ и ќе ве одведеме до петте најубави локации во нашиот бисер Охри... Рибарите ги прибираа мрежите. А езерото мирно, душа да си одмориш. И додека убав...
8 најубави плажи во Хрватска за одмор со мали деца На кои плажи во Хрватска морето е најчисто, плитко, а има и голем број активност...
Го посетив селото на Попај морнарот во Малта - бајковита дестинација која ме врати во детството и ми... Она што навистина ме врати во детските денови и ја разбуди мојата меморија со сл...
Ја посетив Махо, популарна плажа до аеродром на Карибите - Постојано нè надлетуваа авиони, имаше огр... На островот Сент Мартин вистинска атракција е плажата Махо, само поради нејзинат...
Предлог за кратко викенд патување: 5 преубави македонски села Овие пет села се само мал дел од богатата ризница на Македонија. Ги има уште мно...
5 грешки кои туристите ги прават во Истанбул Истанбул е голем град во кој сигурно ќе се заљубите! Но, додека го истражувате о...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg