„Одевме по земјен пат 7 километри, но водопадите на Бабуна се нешто што секој мора да го види“

Викендите не се за седење по дома. Барем јас лично се водам од оваа помисла и гледам колку што е можно повеќе да се придржувам до неа. Минатиот викенд, знаејќи дека на прсти се бројат сончеви денови, донесов јасна одлука – да ги посетам изворот и водопадите на Бабуна.

izvorot vodopadite na babuna kreacija na prirodata koja budi stravopocit 5

Се собравме добра екипа, што од време на време знаеме да направиме некоја тура низ Македонија и пред осум часот го напуштивме Куманово. Возејќи по автопатот го поминавме Велес, потоа Богомила и по изминати стотина километри се паркиравме во спокојното Нежилово, на една чистинка покрај рибникот.

Само што излегов од автомобилот се развртив наоколу, свесен дека се наоѓам во подножјето на Јакупица, позната и како Мокра Планина. Очигледно е и како го добила тоа име, по изобилството на вода што се наоѓа таму.

Со нарамени ранци, сретнавме двајца мештани кои срдечно ни го посочија правецот и по консултацијата со нив започна најинтересниот дел од патувањето. Пешачевме по земјен пат, истиот кој води и до планинарскиот дом „Чеплес“. Патот беше лесен за совладување, а ние имавме за одење околу 7 километри во еден правец.

izvorot vodopadite na babuna kreacija na prirodata koja budi stravopocit 1

Иако патот не е препорачлив за автомобили, освен за теренски возила, сепак сретнавме две-три коли кои нѐ одминаа и над десеттина рекреативци кои беа упатени до изворите и водопадите на Бабуна.

izvorot vodopadite na babuna kreacija na prirodata koja budi stravopocit 7

Пешачевме околу два часа, повремено правејќи кратки паузи за да земеме здив или да каснеме нешто. Во такво опкружување, станувам молчалив. Кога и да го кренев погледот ме демнеше карпест масив и врвот Солунска Глава.

Самата глетка будеше стравопочит, терајќи ме да се воодушевувам и заплашувам истовремено. Такво влијание врз мене ги има само креациите на природата. Есенските бои дополнително му додадоа надреален приказ на местото, а тишината што скришно се притајуваше ти дава мотивација да продолжиш понатаму.

izvorot vodopadite na babuna kreacija na prirodata koja budi stravopocit 6

Кога стигнавме до едни дрвени патокази, моравме да се исклучиме од земјениот пат и да продолжиме по шумска патека. Патот е тесен, добро маркиран и ако добро ги следите знаците речиси е невозможно да направите грешка. Одевме еден зад друг, стопувајќи се со сенките на дрвјата. Соодветни планинарски обувки за овој дел од патот се задолжителни.

Прво се изненадив со колку луѓе се разминавме додека одевме до водопадите. Од деца до луѓе во поодминати години, сите се враќаа со некоја внатрешна чистота, веројатно самите глетки ти помагаа да ги отфрлиш токсичните мисли од себе. Едноставно да се разведриш.

Влажни лисја имаше насекаде по патеката, како и многу скалила за кои треба да употребиш малку повеќе енергија. Што повеќе навлегувавме во шумата, толку повеќе почнавме да го слушаме жуборењето на реката. Во еден момент тоа стана толку силно, што станав нетрпелив да го видам водопадот, скриен зад дрвјата.

По некоја минута, патеката се делеше. Една водеше кон изворите, другата кон водопадите.

izvorot vodopadite na babuna kreacija na prirodata koja budi stravopocit 8
фото: Инстаграм - evgenij.houp

Некаде по еден час стасавме. Иако ми се чинеше дека пешачевме помалку. Десетметарските водопадите на Бабуна се нешто што секој мора да го види со сопствените очи. Загледан во млазовите вода кои се спуштаа од карпите, на себе ги чувствував водените капки, кои раздувани од ветерот се впиваа на мојата кожа и облека.

Водата, која истовремено е и питка, беше кочан ладна. Да беше лето, можеби ќе се прелажав себеси и ќе скокнав да се искапам.

izvorot vodopadite na babuna kreacija na prirodata koja budi stravopocit 3
фото: Инстаграм - evgenij.houp

Да не звучам патетично, ама она што е скриено од човечкото око во принцип е и најубаво! Тоа е што е. Конечно го маркирав изворот и водопадите на Бабуна како посетена дестинација, што многу долго се подготвував да го сторам тоа. Ама, од друга страна знам дека секогаш ќе постојат неоткриени места, па додека границите се затворени да го искористиме периодот и од откриеме колку што е можно повеќе.

izvorot vodopadite na babuna kreacija na prirodata koja budi stravopocit 2

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Носталгија по детството во викендичката блиску Куманово – месен леб, музика од грамофон и легенди за... Постојат места кои се отвораат како портал и нè враќаат во нашите спомени од дет...
10 места на грчкиот остров Тасос што вреди да ги посетите Од лагуната Giola со природен карпест базен, до планинското село Panagia, на Тас...
5 интересни опции за луѓето кои не сакаат летниот одмор да го поминат на плажа Можете да посетите некои од скандинавските земји, или пак некои од европските гр...
Места во Македонија кои ми недостигаат: Селото во кое израснав, манастирот кој ми носи мир Кога подолго време не живееш во родната земја често ќе се најдеш во ситуацијата ...
Матка и уште 7 живописни кањони во Европа што го одземаат здивот Од Матка во Македонија, до Samaria на грчкиот остров Крит, Европа крие бројни жи...
Девојка се жали за одморот на брегот Амалфи во Италија: „Зошто сум разочарана?“ „Кога велам дека никогаш досега не сум искусила нешто вакво, не преувеличувам. С...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg