„Бев во прекрасното село Кожле и чичко Стојан ми ја раскажа приказната за авантуристичкиот Стојанов мост“


„Бев во прекрасното село Кожле и чичко Стојан ми ја раскажа приказната за авантуристичкиот Стојанов мост“

„На околу 35 километри од Скопје го посетив авантуристичкиот Стојанов мост, во едно од најубавите македонски села, за кој сите зборуваат и со кој сите се сликаат, а чичко Стојан ми раскажа како го градел овој мост над реката Пчиња. Во селото Кожле видов штотуку родено јагне, стадо овци, пејзажи за какви романи се пишуваат... Ах, наша убава Македонијо!“

bev-vo-prekrasnoto-selo-kozhle-i-chichko-stojan-mi-ja-raskazha-prikaznata-za-avanturstichkiot-stojanov-most-01.jpg

Викенд е време за во природа, за мене и многу пред пандемијата. Не ме одмора кафе во бетонско сивило, ме одмора кафе на планина или среде недогледни зелени ливади, ме одмора поглед во вода, чист воздух и песна на птици.

Токму така барајќи убави места во близина на Скопје, дојдов и до информацијата за селото Кожле.

bev-vo-prekrasnoto-selo-kozhle-i-chichko-stojan-mi-ja-raskazha-prikaznata-za-avanturstichkiot-stojanov-most-06.jpg

На само околу 35 километри од срцето на градот се наоѓа селото Кожле, каде е погребан македонскиот поет Гане Тодоровски, и селото кое за мене е едно од најубавите во Македонија.

За да стигнете дотаму возите преку селото Петровец кон Катланово и пред Катланово има табла на која пишува „Кожле“, па се исклучувате десно. Патот не е многу широк, но е во добра состојба.

Кожле е село, каде живеат само мал број на пензионери и сите останати посетители одат викендашки, село од каде младиот свет заминал, но и село каде Бог не штедел кога дарувал убавина.

Се паркиравме кај чешмата на средсело, каде уште стои стариот кош на кој е испишано НБА, од деца кои некогаш тука ги мереле своите спортски способности.

Поголемиот дел од куќите руинирани, но магични. Како сцена од Македонските народни приказни тие говорат за едно минато време, за историја, за македонска традиција.

bev-vo-prekrasnoto-selo-kozhle-i-chichko-stojan-mi-ja-raskazha-prikaznata-za-avanturstichkiot-stojanov-most-12.jpg

И потоа од средсело преку едно тесно патче за само 5/10 минути се најдовме на еден рид со најубавиот поглед над реката Вардар во која се капеа сончевите зраци.

bev-vo-prekrasnoto-selo-kozhle-i-chichko-stojan-mi-ja-raskazha-prikaznata-za-avanturstichkiot-stojanov-most-07.jpg

Природа од која ви се одзема здивот и каде никој нема да одолее да застане и да фотографира.

Целото патче е со таков живописен поглед кога одите кон адреналинскиот Стојанов мост. Околу два километри природа и убавини за духот и телото.

bev-vo-prekrasnoto-selo-kozhle-i-chichko-stojan-mi-ja-raskazha-prikaznata-za-avanturstichkiot-stojanov-most-13.jpg

До овој мост се стигнува и од автопатот Скопје – Велес, но само се симнувате по скали и сте на мостот, па нема некоја голема возбуда. Имам одено оттаму еднаш, но не планирам никогаш повторно. Едноставно, местото не се доживува на вистинскиот начин.

Да се вратам на прекрасното Кожле. На патот од средсело до мостот не сретнавме речиси никого, а на враќање само едно семејство и два пара. Така што тоа што за викенди го нема во Градскиот парк и на Водно, односно мир и тишина потребни за релаксација, ќе го пронајдете тука.

До манастирот Света Богородица, кој е блиску до Стојановиот мост, стигнавме лесно, нема тешки нагорнини и не ви е потребна посебна опрема.

Пред нас осамна неверојатниот манастир, кој како да ѕиркаше од пештера. Порано ова била испосничка црквичка. Датира од 14-иот век и дефинитивно е македонско богатство, кое за жал е малку подзаборавено.

bev-vo-prekrasnoto-selo-kozhle-i-chichko-stojan-mi-ja-raskazha-prikaznata-za-avanturstichkiot-stojanov-most-11.jpg

Таму, нè дочека домаќинот чичко Стојан Трајановски, роден 1952 година во селото Инџиково. Пријатен, насмеан и подготвен за разговор. Почна да ни раскажува и за манастирот и за мостот, кој во последно време е голем хит и собира многу посетители.

bev-vo-prekrasnoto-selo-kozhle-i-chichko-stojan-mi-ja-raskazha-prikaznata-za-avanturstichkiot-stojanov-most-14.jpg

Ми говореше искрено од срце и за сите маки и за сите радости, па не одолеав да ви пренесам дел од неговите зборови:

„Домаќин сум на манастирот Мала Богородица во село Кожле, заедно со сопругата, веќе 15 години. Го користиме манастирскиот имот за престој и чуваме крави. Мојата работа е одржување на манастирот во првобитна положба и постепена доградба, доколку има можност за тоа. Манастирот нема приходи од никаде, па со нашата трудољубивост и посветеност се трудиме да опстане.

Во последната година има многу повеќе посетители, поради тоа што луѓето се свртеа кон природата поради пандемијата, но и поради тоа што авантуристичкиот мост кој го изградив и нареков Стојанов мост, стана своевидна атракција.

bev-vo-prekrasnoto-selo-kozhle-i-chichko-stojan-mi-ja-raskazha-prikaznata-za-avanturstichkiot-stojanov-most-02.jpg

Пред тоа двапати градевме мостови кој ги рушеше реката со надојдена вода и дрвја, а овој е трет по ред мост, кога освен мала поддршка во вид на физичка работа, од селаните не добив помош и бев принуден самостојно со финансиски средства и со семејството да го изградам одново мостот. Овојпат поучен од искуството го направив на погодна локација за да не го руши повторно водата. Целта на мостот е да го поврзе манастирот со автопатот и со околните села.

Финалната верзија на мостот ја започнавме во 2012 година, а пуштен е во употреба во 2014, по долга и макотрпна градба.

Во Кожле има само малку пензионери во текот на цела година, млад свет нема, но со задоволство примаме гости во манастирот каде има конаци за спиење“, ни открива чичко Стојан.

Потоа, појдовме на манастирскиот имот, каде тој живее со својата сопруга од чии вредни раце ја јадевме најубавата пита со праз и го вкусивме нивното домашно направено сирење. Вистински рај за сите сетила.

bev-vo-prekrasnoto-selo-kozhle-i-chichko-stojan-mi-ja-raskazha-prikaznata-za-avanturstichkiot-stojanov-most-03.jpg

Сите производи користени за подготовката, велат дека се од нивната градина и од нивната стока. Плус, сѐ е повкусно кога е во природа.

bev-vo-prekrasnoto-selo-kozhle-i-chichko-stojan-mi-ja-raskazha-prikaznata-za-avanturstichkiot-stojanov-most-19.jpg

Таму сѐ е релаксирано, дури и милениците уживаат во побавното темпо на живот.

bev-vo-prekrasnoto-selo-kozhle-i-chichko-stojan-mi-ja-raskazha-prikaznata-za-avanturstichkiot-stojanov-most-16.jpg

Продолжува на следната страна...



Би можело да ве интересира:

Место кое мора да се посети: „Нè измачи кривулестиот пат до Галичник, но таму нè дочека исконска уба... Кога престојуваш во Маврово на ден-два во близина на браната сакаш да посетиш шт...
Хотелот во Финска каде сите блогерки одат за да направат фантастични зимски фотки Лоциран во Рованиеми, Финска, хотелот Arctic ThreeHouse нуди топли соби со стакл...
15 хотелски соби во Париз со најубав поглед Париз е град од кој никогаш нема да ни здодее. Вечна инспирација за уметниците и...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg