Бев на патување во Светата Земја – како се променив по посетата на Ерусалим и кои места вреди да се видат?

„Душата ќе ви се отвори на посебен начин. Некоја тага уште останала од тие први векови. Како отпечатоци на времето, да нè потсетат сите нас, за вистинските вредности на животот. А, во црквата на Воскресението, тука веќе настапува трансформацијата на душата. Секој еден кој некогаш влегол во тој храм, не излегол ист. Ова не е само мое сведоштво, туку и на сите кои биле“...

bev-na-patuvanje-vo-svetata-zemja-kako-se-promeniv-po-posetata-na-erusalim-i-koi-mesta-vredi-da-se-vidat-01.jpg

За првпат во Светата Земја заминав во 2017 година за празникот Воскресение Христово – Велигден. Ми остави толку длабок и голем впечаток што повторно се решив да ја посетам и во 2018 година (за истиот празник). А сега полека но сигурно, се подготвувам и за третата посета на оваа магична земја.

Многу е тешко да се опише чувството кое Светата Земја ви го дава (а и остава) кога за првпат ќе ја посетите.

Но колку и да е предизвик, ќе се обидам да објаснам што тие две патувања значеа за мене; и зошто секој, барем еднаш во својот живот, мора да го посети ова парче земја кое сè уште живее во историјата на вечноста.

Првото место кое го посетивме беше манастирот Мар Саба. Манастирот се наоѓа во долината Кeдрон на половина пат помеѓу Витлеем и Мртвото Море. Мар Саба се смета за еден од најстарите постојано населени манастири во светот и одржува многу од своите древни традиции.

Moeto-patuvanje-vo-Svetata-Zemja-Vitleem-Erusalim-na-rekata-Jordan-i-kako-toa-napravi-povtorno-da-se-vljubam-vo-zivotot-02.jpg

Потоа се упативме накај малото гратче Витлеем; за православните христијани познато како местото на раѓање на Исус Христос. Сите куќи идентични една на друга, улиците мали, полни со деца, со камили и со луѓе кои толку вредно и верно се посветени на трудот.

Moeto-patuvanje-vo-Svetata-Zemja-Vitleem-Erusalim-na-rekata-Jordan-i-kako-toa-napravi-povtorno-da-se-vljubam-vo-zivotot-03.jpg

Црквата на Рождеството на Исус Христос стои како дијамант на еден мал рид на средината од гратчето. Внатре, по неколку скали надолу, се наоѓа и пештерата каде Тој е роден. Чувство само по себе – како еден цел универзум да битисува во тој мал простор.

Moeto-patuvanje-vo-Svetata-Zemja-Vitleem-Erusalim-na-rekata-Jordan-i-kako-toa-napravi-povtorno-da-se-vljubam-vo-zivotot-04.jpg

Еден интересен факт е што кога ќе појдете во Витлеем, ќе забележите дека голем дел од куќите, над влезните врати, има икона од Светиот великомаченик Георгиј, кој се верува дека е посебен заштитник на ова мало гратче.

Секако, кога ќе го посетите Витлеем мора да го пробате хумусот со лимон.  

Во деновите кои следеа бевме проголтани од убавата комплексност на Ерусалим, посебно Стариот град. Зад тие стари ѕидини кои сè уште стојат силно и велелепно, се наоѓаат толку знаменитости што вреди да се посетат.

Moeto-patuvanje-vo-Svetata-Zemja-Vitleem-Erusalim-na-rekata-Jordan-i-kako-toa-napravi-povtorno-da-se-vljubam-vo-zivotot-05.jpg

Ерусалим вистинито и гордо ја исполнува својата дефиниција: тоа е град кој е изворот на сè; лулка на култури.

Во овој град научиле да живеат и христијаните и муслиманите и евреите. Во некој хармоничен соживот, кој е тивок, а сепак толку мелодичен.

Moeto-patuvanje-vo-Svetata-Zemja-Vitleem-Erusalim-na-rekata-Jordan-i-kako-toa-napravi-povtorno-da-se-vljubam-vo-zivotot-06.jpg

Стариот град е поделен на квартови. Па затоа имате христијански кварт, муслимански кварт и еврејски кварт. И секој еден од нив вреди да се посети, да се видат сите култури и начини на живот, и да се проба од таа разновидна храна.

Но не можам ако не го издвојам фалафелот како една впечатлива храна, кој плени со аромата на зачинот ким.

Впрочем, секоја уличка во Стариот град (што е како пајажина од лавиринти) има свој посебен мирис: темјан, миро, стари парфеми, разновидни зачини, нежни ткаенини, кои те носат во некое друго време.

Moeto-patuvanje-vo-Svetata-Zemja-Vitleem-Erusalim-na-rekata-Jordan-i-kako-toa-napravi-povtorno-da-se-vljubam-vo-zivotot-07.jpg

Низ Стариот град се наоѓа и најтажната патека (Via Dolorosa), по која Исус Христос го носел својот крст, откако бил прогласен за виновен од страна на Пилат.

Тука сакале или не, душата ќе ви се отвори на посебен начин. Некоја тага уште останала од тие први векови. Како отпечатоци на времето, да нè потсетат сите нас, за вистинските вредности на животот.

Посебно е важно секој да го изгледа филмот The Passion of the Christ (од 2004 година), каде совршено е пресликана оваа патека на тагата. За да бидете подготвени кога ќе го посетите Ерусалим, за едно ново нешто, кое дотогаш не сте го почувствувале.

Како една духовна екстаза, во средината на Стариот град, се наоѓа Црквата на Воскресението, која е огромна прекрасна градба, а под која се наоѓаат Голгота (каде бил распнат Исус Христос), плочата на миропомазанието, и Гробот на Исус Христос. Ова се впрочем и последните станици (од вкупно 14) од Via Dolorosa.

Moeto-patuvanje-vo-Svetata-Zemja-Vitleem-Erusalim-na-rekata-Jordan-i-kako-toa-napravi-povtorno-da-se-vljubam-vo-zivotot-08.jpg

Тука веќе настапува трансформацијата на душата. Секој еден кој некогаш влегол во тој храм, не излегол ист. Ова не е само мое сведоштво, туку и на сите кои биле. И таа трансформација е убава, чиста, бела, светла. Вистинско возобновување.

Кај секој еден делува на посебен, уникатен начин. Мене ми делуваше така да можам да ги прегрнам сите неубави нешта од минатото, и да им простам на сите, а со тоа и да се ослободам. Да постанам посреќен, посмирен.

И потоа настапува мир, кој ретко може да се опише со зборови. Мир кој трае. Затоа мечтаете да отидете повторно. Затоа Ерусалим за вас постанува нешто нераскинливо, постанува дел од вашата душа. Како втор дом.    

Внатре во Стариот град а и надвор од него, има прекрасни манастири и знаменитости кои се важни фокални точки од големи настани од Библијата.

Тука е каменот на вознесението, местото каде е закопана главата на Светиот Јован Крстител, Маслиновата гора, Црквата на Гробот на Пресвета Богородица, руските и грчките манастири, и уште многу други.

Moeto-patuvanje-vo-Svetata-Zemja-Vitleem-Erusalim-na-rekata-Jordan-i-kako-toa-napravi-povtorno-da-se-vljubam-vo-zivotot-09.jpg

Патувањето го завршивме со посета на реката Јордан која тече низ Галилејското Море и кон Мртвото Море.

Земјата Јордан и Голанската висорамнина граничат со реката на исток, додека Западниот Брег и Израел на запад.

Реката Јордан има големо значење за јудаизмот и христијанството. Според Библијата, Израелците ја преминале реката за да стигнат во ветената земја и Исус Христос бил крстен од Јован Крстител во таа иста река.

Moeto-patuvanje-vo-Svetata-Zemja-Vitleem-Erusalim-na-rekata-Jordan-i-kako-toa-napravi-povtorno-da-se-vljubam-vo-zivotot-10.jpg

Малку ќе биде ако кажам дека Светата Земја ми го исполни срцето и душата. Малку ќе е и да споменам дека ме промени. И едното и другото се вистина, но нема зборови да се опише сè на начин на како беше доживеано.

Моја препорака е секој да може да го посети ова ќоше од земјата; за да види како може срцето вистински да сака, како може душата вистински да живее, и како може телото вистински да трепери.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

К. А. | Црнобело / фото: приватна архива

Би можело да ве интересира:

Носталгија по детството во викендичката блиску Куманово – месен леб, музика од грамофон и легенди за... Постојат места кои се отвораат како портал и нè враќаат во нашите спомени од дет...
9 митови за Париз во кои веруваме поради филмовите и сериите Некои делови од Париз можеби мирисаат прекрасно од пекарите, но на многу места с...
Од забави до зори на EXIT до дегустација на 500 различни вида вино – Зошто треба да го посетите Нови... Нови Сад, градот кој истовремено е и мирен и полн со живот, нуди по нешто за сеч...
„Го посетив Мехелен - белгиско гратче со калдрмисани улички и прекрасна архитектура на 20 минути од... Мехелен е мало белгиско гратче кое се наоѓа помеѓу популарните и раздвижените гр...
Ивана од Скопје: „Работев како фотограф на брод, крстарев низ француските Кариби - што ме воодушеви ...  Досега имам посетено многу поморски градови, пристаништа, популарни монден...
10 места на грчкиот остров Тасос што вреди да ги посетите Од лагуната Giola со природен карпест базен, до планинското село Panagia, на Тас...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg