Едвај чекам да ѝ кажам збогум за најлошата година во мојот живот

2024-та, барем за мене, се покажа како една од најнеубавите години во животот. И искрено, едвај чекам во вторник, да застанам во мојот дом во Скопје, па со чаша бело вино да наздравам што си оди и да си посакам поубави 365 дена...

edvaj-chekam-da-i-kazham-zbogum-za-najloshata-godina-vo-mojot-zhivot-01.jpg

Неколку дена пред дочекот на Новата 2025 година, не можам од главата да ги исфрлам мислите и работите што ме преокупираа во изминативе 12 месеци.

Ама не оние малку убави работи што ми се случија, туку тажните, болните, неубавите, кои многу би сакала да ги заборавам засекогаш (иако знам дека е невозможно).

Годината ја дочекав во домот на мојата (сега веќе поранешна) најдобра другарка.

По 14 години дружење, на овој 31 декември првпат нема да славиме заедно. Не разговараме, се оддалечивме, си кажавме работи преку кои не можеме да преминеме ни таа ни јас и одиме понатаму во животот.

edvaj-chekam-da-i-kazham-zbogum-za-najloshata-godina-vo-mojot-zhivot-02.jpg

А самиот дочек ветуваше убава година - си поминавме одлично, мезевме руска и кифлички, пиевме мимози, пеевме на цел глас, горевме прскалки и ги пцуевме оние што фрлаа петарди без престан.

Годината ја дочекавме во нејзиниот нов стан во центарот на Скопје - уште еден повод за славење...

Но, како што одминуваа месеците, така работите почнаа да одат „удолу“.

Зошто чекам да си замине оваа неубава година?

Во јануари прекина мојата убава (нова) љубовна приказна зашто тој се отсели од Македонија

Иако си пишуваме, не сме се виделе скоро цела година, а пораките се сè поретки. И одамна, некако немаат смисла.

edvaj-chekam-da-i-kazham-zbogum-za-najloshata-godina-vo-mojot-zhivot-02_copy_copy.jpg

Во февруари ми се растури пријателството со двајца поранешни колеги од работа

Всушност, јас и понатаму се дружам и со едниот и со другиот, но тие се скараа и веќе не излегуваме сите заедно, ниту пак едниот сака да се спомне името на другиот кога ќе се видиме.

Во мај почна да се лади пријателството меѓу мене и двете најдобри другарки

Едната полека почна да се повлекува и да се дружиме помалку.

Во јуни почина шарпланинката што ја чувавме 8 години

Немаше кој да ни помогне, па сестра ми и јас сами ја погребавме.

Мислам дека дури откако зеде нов шарпланинец за чување малку се смири.

edvaj-chekam-da-i-kazham-zbogum-za-najloshata-godina-vo-mojot-zhivot-06.jpg

Во јуни веќе почна да „умира“ пријателството со најдобрата другарка

Од секојдневни дружби, почнавме да се гледаме еднаш на две недели, престанавме да се слушаме за сè и сешто, ама теравме некако, држејќи се на минатото...

Во септември внука ми се соочи со огромен стрес на училиште - прва година средно, нови луѓе, професори, притисоци

На моменти имав чувство дека буквално ќе полуди, колку многу плачеше, не сакаше да јаде, да комуницира.

Нејзиниот стрес беше голем притисок за целото семејство, секој се трудеше да ѝ помогне, но таа одбиваше секаква помош.

За среќа, после месец и пол, после првите испрашувања и тестови, самата сфати дека непотребно се нервирала и се врати во нормала.

Здивнавме, но тоа беше баш мачен период за сите.

edvaj-chekam-da-i-kazham-zbogum-za-najloshata-godina-vo-mojot-zhivot-03.jpg

Во ноември пријателството со најдобрата другарка „умре“

Како намерно да си кажувавме работи за да се повредиме една со друга. И не биравме зборови.

Да, ужасно за возрасни луѓе, но работите излегоа од контрола и веќе нема (а и не сакам) назад.

Ова ми беше и година на пропуштени патувања, откажани планови, неостварени средби...

И додека едвај чекам да ја испратам, да наздравам со бело вино што си оди и да си посакам никогаш да не се повтори, само ќе си речам:

„Барем сите блиски ми се живи и здрави. Од јануари ќе биде подобро. Мора да биде!“

edvaj-chekam-da-i-kazham-zbogum-za-najloshata-godina-vo-mojot-zhivot-05.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

А. Ј. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Готвев, чистев и одев на работа, a маж ми само си уживаше – побарав развод по 23 години ’среќен‘ бр... „Кога се присетувам на динамиката во нашата врска низ годините, се запрепастувам...
„Се откажав од старателството над син ми – го гледам само 6 дена месечно и сум подобра мајка“ „Никој не вели ништо ако таткото минува само шест дена месечно со неговото дете....
„Почнав да го мразам сопругот откако добивме дете – неговиот живот си продолжи, а јас морав да се от... „Беше јасно дека само поради неговиот пол, неговиот живот ќе продолжи непрекинат...
„Имам 7-годишна ќерка, а девица сум. Никогаш не барав маж, сакав само дете“ „Не сум асексуална, имам желби. Но бидејќи никогаш не сум имала секс – не ми нед...
„10 причини зошто животот ми е многу поубав без деца“ – Жена предизвика онлајн дебата „Како што моите пријателки почнаа да стапуваат во брак и да добиваат деца, стану...
„Дознав дека девојка ми има 7 деца, а не едно како што ми кажа“: Мрачни тајни кои луѓе ги кријат од ... „Една година бевме во врска. Ме запозна со неговите пријатели, со сестра му. Но,...

Најчитани неделава