Децата не знаат за предрасуди, ги учат од нас

Кога ќе се родиме, ние сме најчистите суштества на планетата. Родени од љубов и за љубов. Го учиме животот од родителите, блиските, фамилиите, пријателите, улицата. Како новороденчиња, се учиме како да се снаоѓаме и функционираме во истиот тој свет. Со растењето го примаме општеството во нас, заодуваме по неговите правила и вредности, примајќи ги вредностите на родителите, а сето тоа со цел да припаѓаме, да бидеме дел од нешто поголемо. Затоа што човекот не е остров, не постои сам за себе, сака да припаѓа.

decata-ne-znaat-za-predrasudi-gi-uchat-od-nas-01.jpgфото: pexels.com

Освен убавото што го учиме, како деца ги учиме од возрасните и предрасудите и најчесто тоа што го слушаме и гледаме како однесување, го преземаме како наше. Тука настапува огромната улога на возрасните. Ако самите не се преиспитуваме за своите постапки, одговорности и тоа со какви очила го гледаме светот, не треба да сме изненадени ако ги видиме децата како го повторуваат нашето однесување. Децата немаат предрасуди, тие ги учат, за жал, од нас, возрасните. Затоа, имаме огромна улога да се преиспитуваме и да стануваме што подобри луѓе.

Предрасудите и стереотипите на училиште децата ги учат во настава во четврто одделение. Учат да ги разликуваат едни од други, ама дали ги научуваат вистински?

А има ли поубав начин за учење и борба против предрасудите отколку преку уметност?

Уметноста е секогаш тука за да ни помогне во овој процес на учење, да се бориме против нив и да замислиме еден нов свет. Филм со добра приказна за тоа како изгледа животот на лица со некаква попреченост, во кој се прикажани во нивното секојдневие, со нивните предизвици, умее да предизвика поголема емпатија кај децата отколку 100 страници во учебници.

Сликовница во која нашиот Космонаутко нè учи за децата со аутизам во приказна раскажана токму преку очите на детето, подобро нè учи нас како родители, а полесно ги научи и децата да сфатат како му е на детето што сака да игра фудбал, а никој не го прифаќа или не му ја подава топката. Солзи лесно навираат кога родител му чита на дете ваква приказна и тоа е емоција што не се заборава, ама и лекција исто така.

Замислете каква борба им се случува на родителите на децата со некаква попреченост. Со какви секојдневни предизвици се среќаваат тие соочувајќи се со прашалните погледи на луѓето на улица, во кафуле, насекаде... Како стрела повредуваат тие погледи, а уште повеќе ако едно дете ги добие од друго дете. Нема родител кој не сака неговото дете да не биде прифатено во неговата средина, а особено ако зборуваме за деца што имаат некаква мака. Сè што треба секој од нас да направи е само да погледне пред себе, да погледне во себе и да подаде рака.

Затоа што лицата со попреченост ги имаат апсолутно истите потреби како кој било без таков предизвик. Сакаат да се смеат, сакаат некој да ги гушне, сакаат убав збор, сакаат да не бидат сами.

„Го сонувам денот кога со мојот син кој има аутизам ќе можам слободно да одам во кино и никој да не ме прострела со поглед“, вели мајка на 20-годишно дете од Гевгелија.

Децата не можат да ги разликуваат тие мисли - дали е добро да му се потсмеваат на некое дете што изгледа различно.

Приказните, сликовниците, филмовите најдобро ги учат децата за сите најважни теми, па така и оваа, за предрасудите. Кога ќе им влезат во чевлите на другите деца, кои можеби во нешто се разликуваат од нив, тие ќе заборават на лошиот пример. Зашто децата функционираат така што се потпираат на емоциите, тие знаат само да сакаат, а не да мразат. Не знае дете што значи бојата на кожата да биде различна од неговата, освен ако некој возрасен не го нагласи тоа. Децата не гледаат со истиот диоптер како возрасните.

Како возрасни и одговорни луѓе, пред сè, денес повеќе од кога било имаме одговорност кон новите генерации да подзастанеме, да се потсетиме на вистинските хумани вредности, да оставиме подобра трага од себе и заедно да замислиме поубав свет. И не е ова флоскула, не е ова само добра мисла, туку е неопходна како на пустината што ѝ треба дожд, како на детето што му треба мајка.

Денес повеќе од кога било на светот му треба нежност, убав збор, топла прегратка. Секој ден, секој момент е време да ги испратиме предрасудите некаде далеку, подалеку од нашиот дом, од мислите на нашите деца, од нас.
Децата се мали огледала на нашите постапки, зборови и молчења. Затоа, секое наше однесување е порака. Порака која или гради мостови или крева ѕидови. Ако сакаме свет полн со разбирање и прифаќање, треба да почнеме од себе – од сопствениот дом, збор, избор.

И токму затоа, уметноста, приказната, сликовницата, разговорот со дете пред спиење, не се нешто споредно – тие се основа. Основата од која се гради свест без страв од различното, без осуда, без тишина кога треба да се зборува. Само така можеме да создадеме иднина во која секое дете ќе расте сигурно, прифатено и сакано.

Поттикнати од кампањата на Македонски Телеком #НаправиМесто, која повикува на отвореност и меѓусебно разбирање, а која оваа година е фокусирана на надминувањето на предрасудите, редакцијата на CRNOBELO.com ќе направи повеќе место за вести и приказни кои ги надминуваат предрасудите и ги рушат бариерите. 

Би можело да ве интересира:

„10 причини зошто животот ми е многу поубав без деца“ – Жена предизвика онлајн дебата „Како што моите пријателки почнаа да стапуваат во брак и да добиваат деца, стану...
Мајка од Србија со моќна порака: „Среќно дете не е тивко и мирно дете – 7 работи кои е нормално да г... 1.Зборува само со себе додека си игра. 2. Се однесува будалесто и пее измислени ...
„Се откажав од старателството над син ми – го гледам само 6 дена месечно и сум подобра мајка“ „Никој не вели ништо ако таткото минува само шест дена месечно со неговото дете....
Порака од новороденчето до неговата мајка: „Мама, мириса на млеко и на љубов - тоа е најдобриот мири... „Не можете да ја најдете мама. Ја повикувате и ве обзема страв. Што ако не дојде...
Како да реагирате кога вашето мало дете ќе ве удри во бес? Често се случува по втората година децата во бес кога нема да добијат нешто да г...
Никица Ацева расте 2 мали деца во Германија: „Двапати се породив во иста болница тука, често плачат ... „Промената од 1 на 2 деца беше потешка, отколку од 0 на 1, како што и очекував. ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg