„Бев хеликоптер родител кој сака да контролира сè – им ги пренесов стравот и анксиозноста на децата“
„Ми требаа многу години да се ослободам од мојот невротичен начин на воспитување, но гордо можам да кажам дека има подобрување. Сфатив дека ги учам децата да живеат во постојана состојба на страв“.

Мајка од САД која вели дека била хеликоптер родител споделува што научила од нејзините грешки.
Истакнува дека била „контрол фрик“ и постојано се плашела за безбедноста на нејзините деца, но сфатила дека со ова само ги учи да се плашат за сè.
Во продолжение нејзината колумна за PureWow:
„Бев хеликоптер родител од денот кога се роди моето прво дете. Една од причините беше тоа што детето имаше стомачни грчеви, поради што постојано бев под стрес и барав решенија.
Друга причина беше тоа што сум анксиозна личност и контрол фрик.
Потоа, 27 месеци подоцна се роди моето второ дете и сфатив дека хеликоптер родителството е многу потешко.
Инстинктите што ме наведуваа на овој стил на родителство ми создаваа екстремен стрес и стануваше јасно дека не можам да издржам.
Исто така сфатив дека ги учам децата да живеат во постојана состојба на страв.
Ми требаа многу години да се ослободам од овој невротичен начин на воспитување, но гордо можам да кажам дека сега има подобрување.
Искрено, стана полесно да ја направам оваа промена кога децата малку пораснаа и шансите да се повредат беа помали.
Но, исто така со текот на времето сфатив дека треба да им дозволам на децата да учат од своите грешки и да стекнат самодоверба во целиот процес.
Правејќи го ова, научив дека моите деца ќе побараат помош од мене ако им треба.
Се прашувате како ја направив оваа промена? Па, не беше лесно.
Најпрво почнав да зборувам со мојот терапевт за мојата анксиозност и како ме тера да се фокусирам на катастрофалните исходи, иако обично не беа реалистични.
Тој ми кажа да почнам да размислувам реалистично и секојпат кога сакам да кажам нешто како ’ќе си го скршиш вратот‘ да се запрашам дали навистина детето може да се повреди во безопасна ситуација.
За да се смирам, исто така почнав да ги прашувам децата дали мислат дека она што ќе го прават е безбедно. Ги терам да размислат за тоа и ако ми одговорат со ’да‘, вдишувам длабоко и одлучувам да им верувам.
Некогаш ако до мене има друг родител знам да го прашам дали мисли дека децата се во ред.
Самодовербата на другите родители исто така ми помагаше да размислувам реалистично во овие моменти.
Уште има моменти кога ми е тешко да ги потиснам инстинктите, но со текот на времето станува полесно.
Сега мојот 10-годишен син може да си направи тост без да скокам да му помогнам, може да користи нож за да си ја исече храната и може да си дојде сам од училиште.
Кога помалото дете сака да си стави вода од големо шише, му дозволувам. Ако му се истури, му помагам да го исчисти нередот.
И, морам да кажам дека овој поопуштен стил на родителство навистина ме ослободи. Сега повеќе уживам во времето со моите деца.
Претходно ми беше страв да ги носам на игралиште бидејќи насекаде гледав опасност. Сега само ќе најдам друг родител и ќе си разговарам со него.
Ми се намали желбата за контрола, но и кога ќе им кажам на децата дека нешто е опасно, сега почесто ме слушаат.
Кој е мојот заклучок?
Хеликоптер родителите се критикувани бидејќи изгледаме смешно во очите на оние кои се поопуштени.
Но, мислам дека повеќето родители почнуваат вака едноставно бидејќи кога првпат ќе станете родител, одговорноста за децата е застрашувачка.
Хеликоптер родителите се особено внимателни и тоа можеби не е многу лошо, но како што децата растат, нивната анксиозност станува заразна.
Ви препорачувам да се потрудите да се ослободите од хеликоптер родителството порано бидејќи штом ќе успеете, ќе сфатите дека родителството е многу поубаво и на вашите деца ќе им биде подобро.
Покрај тоа, откако јас ја направи промената моите деца уште се живи, па сигурно не е толку страшно“.
Прочитајте и: Што е „хеликоптер родителство“ и како тоа му штети на вашето дете?
Спирова С. | Црнобело