Никица Ацева расте 2 мали деца во Германија: „Двапати се породив во иста болница тука, често плачат истовремено“
„Промената од 1 на 2 деца беше потешка, отколку од 0 на 1, како што и очекував. Вториот пат искусен си, знаеш што да правиш, но целосната промена во домот и тоа што сме сами тука во Германија (без баби и дедовци во близина) си носи свој предизвик“, вели Никица Ацева и споделува детали за породувањето и растењето 2 мали деца во Германија.

Никица Ацева Стојанов и Дамјан Стојанов живеат во стан во Хановер, Германија, со својата ќеркичка Луциа, а неодамна добија и нов член на семејството, братчето на Луциа, Доминик.
Сега, Никица искрено проговори за двете породувања во Германија, но и како е да се биде мајка на две мали деца, без помош од баби и дедовци, бидејќи тие се далеку.

Никица на својот Инстаграм профил одговараше на прашања од следбеници:
Која промена ти беше потешка од 0 на 1 или од 1 на 2 деца?
„Дефинитивно од 1 на 2, како што и очекував. Не во поглед на самото дете, тоа е секако полесно, вториот пат искусен си, знаеш што да правиш, но целосната промена во домот и тоа што сме сами тука во Германија си носи свој предизвик.
Има многу моменти кога двете истовремено плачат, а јас сум сама дома и едноставно мора секогаш едниот да почека.
Најчесто тој проблем го решавам со марамата, го ставам бебето на мене за да имам две слободни раце за да му помогнам на поголемото“.

Како се снаоѓате со две мали деца?
„На моменти супер, на моменти со плачење, со многу разговор и прифаќање на фактот дека сега е така и мора да го издржиме периодот“.

Како се адаптиравте?
„Уште се адаптираме... На почетокот беше супер додека траеше возбудата дека има бебе и бевме многу надежни дека така ќе продолжи (ха-ха).
После малку почна да покажува револт, ама не кон него, туку кон нас, иако премногу се трудиме да сме повеќето време со неа и да не се почуствува запоставено, сепак кога многу плаче бебето - се нервира и има некои мали испади. Но, ништо страшно.
Мене ми е премногу тешко во тие моменти како мајка, бидејќи не сакам да помисли дека сум сменета кон неа, а од друга страна кога морам да ја заспијам, а слушам од другата соба плачење и не можам да отидам за да не ја оставам и тогаш ми е претешко за него.
Тоа е, не можам да се поделам на две и морам да го прифатам тоа што поскоро за да ми биде полесно“.

Дали се појави љубомора кај поголемото дете?
„Поголемата ќерка на моменти е љубоморна, но повеќето од времето сака да го бацува и да си игра со бебето и да го кити како елка.
Гледам да ја вклучувам во повеќето работи и многу се радува кога ќе ѝ дадам таа да му направи нешто, како да донесе цуцла, пелена итн.
Ние многу ја спремавме и многу ѝ зборувавме додека бев трудна, читавме книги и мислам дека тоа многу ни помогна.
Доаѓаше и на прегледи со мене и сама ми кажуваше како ќе се породам (ха-ха). Во секој случај, потребно е многу разговор и трпение“.

На тема како изгледа успивањето...
„За успивање - го успивам прво помалото и се молам да не се разбуди, барем додека го заспијам поголемото, па после можам да го преземам него пак.
А ако се случи и двете да спијат во исто време (многу ретко) тогаш спремам ручек.
Така што ова е работа без пауза, но да не ве плашам, кога ќе ги видам како се гушкаат и бацуваат заборавам сетоа тоа вреди“.

