Никица Ацева расте 2 мали деца во Германија: „Двапати се породив во иста болница тука, често плачат истовремено“
Како спиете, кој со кого?
„Додека не се роди Доминик, Луциа спиеше со нас.
Некако ни беше многу мала да ја одвоиме, а веќе пред крај кога почнавме да размислуваме на тоа искрено не сакав да ѝ создадам револт да ја оставам во друга соба, а бебето да дојде кај нас и мислам само полошо ќе беше.
Откако се породив, иако не планиравме, мајка ми беше тука и спиеше во таа соба, па бидејќи првите вечери се будеа меѓусебно и беше претешко и никој не спиеше - рековме ајде да пробаме таман нема да е сама.
И така со кратки будења, кога ме бараше мене, одев ја презаспивав и си спиеше таму.
Сега, спие сама во нејзина соба и уште не можам да се навикнам, ама ете спонтано се случи, иако мислев дека ќе биде многу тешко.
Нешто што се смени на полошо е што гледа дека бебето е во раце, па и она сака да биде бебе и за попладневната дремка сака да заспива во раце, ама полека ќе го решиме и тоа“.

Совет за мајка бремена 9-ти месец со второ, првото има 2 години...
„Од тоа што јас гледав и читав, кога поголемото првпат ќе дојде да го види бебето треба бебето да не биде кај тебе, за да ти бидат слободни рацете да го гушнеш прво него.
Исто така, „бато ѝ купи мал подарок“ затоа што многу ја сака.
Инаку, имавме една книга „Ново бебе во домот“ што за наша среќа Луциа многу ја сакаше и бараше сама да ѝ ја читаме секој ден... Така што беше свесна што ќе се случи.
А мој личен совет за првиот период дома, само опушти се, знај дека ќе биде хаос, ама секако не можеш да го смениш, затоа прифати го и пробај колку можеш да уживаш, бидејќи сега е тешко, но никогаш веќе нема да бидат олку мали и еден ден баш ова ќе ни фали.

Како се чувствуваш?
„Фала многу на прашањето, искрено сметам дека многу малку се обрнува внимание на мајката, особено вториот пат како сè да се подразбира.
Овој пат може да се каже дека немав постпартум.
Буквално од секојдневни обврски отидов да се породам и после си се вратив на уште повеќе обврски.
Не можам ни да кажам дека имам некоја постпородилна депресија зошто немам време за тоа. Некогаш кога ќе застанам може да се исплачам и после животот продолжува.
Првиот пат кога станав мајка сè беше магично, бебето само цица и спие, максимално одмарав и уживав во периодот, а сега е похаотично.
Затоа сите што имате блиски што скоро станале мајки, прашајте ги како се искрено и од срце, тоа е доволно“.

Дали имаш последици после породувањето?
„Косата, ако добро се сеќавам, првиот пат почна да ми паѓа после З-тиот месец по породувањето, значи овој пат уште е рано.
А болки имам да, кога многу се движам или кревам тешко.
Бабицата ми кажа дека е нормално вториот пат да боли, мускулите се помеки и поспоро закрепнува телото“.

Искуство за породувањето во Германија?
„Јас се породив двапати во истата болница, бев задоволна и претходниот пат и сега, со тоа што самото породување ми беше полесно првиот пат. Веројатно затоа што бебето беше тогаш многу помало.
Претходниот пат беше со провокација и иако читам дека обично така повеќе ги боли и е понепријатно, кај мене беше сосема обратно.
Според мене не може помалку или повеќе да боли, туку со провокацијата побрзо тече целиот процес и всушност веднаш се чувствуваат тие најголемите и најболните контракции што се при крај“.
