Што да правите ако вашето дете е насилник и малтретира други деца?
Овие однесувања не мора да бидат сигурен знак дека вашето дете е насилник. Но, ако ги забележувате, а притоа добиете и поплаки, време е за разговор.
Што да правите ако вашето дете е насилник?
Ако сепак се покаже дека вашето дете е насилник, мора да го сфатите проблемот многу сериозно.
Најпрво разговарајте со детето и пробајте да откриете зошто е насилно.
Можете да му поставите некои прашања како:
- Зошто го нападна соученикот?
- Што мислеше и како се чувствуваше во тој момент?
- Како се чувствуваш сега за насилството?
- Како мислиш дека се чувствувало детето што си го малтретирал?
- Дали претходно си го направил ова?
Целта со овие прашања е да го натерате детето да сфати дека она што го направило е погрешно.
Како родител, треба да преземете и други мерки:
Научете го детето да ги почитува другите. Дајте му до знаење дека никогаш не треба да ги навредува или исмејува другите деца, дури и ако се поразлични од него. Ова значи дека треба да се воздржи без разлика дали детето е од друга раса, има друга вера, има понизок економски статус…
Добро би било да го мотивирате детето да се дружи со деца поразлични од него за да научи толеранција.
Проверете ги неговите пријатели. Важно е да знаете со кој се дружи вашето дете и што прави кога не е на училиште.
Ако се дружи со насилници или генерално проблематични деца, тие ќе имаат негативно влијание врз него.
Набљудувајте го неговото однесување дома. Насилниците неретко го копираат она што го гледаат дома.
Ако, на пример, вашето дете има постар брат кој го тепа и малтретира, тогаш и тоа ќе се однесува така со помалку моќните од него.
Размислете и за вашето однесување – дали вие сте насилни со детето, дали вие сте агресивни дома и слично.
Соработувајте со училиштето. Ако некој наставник или вработен во училиштето изрази загриженост за однесувањето на вашето дете, разговарајте за тоа.
Ако детето е насилно додека е на училиште, направете стратегија со наставниците за како можете да го подобрите неговото однесување.
Натерајте го да си ги поправи грешките. Ова зависи од самата ситуација, но не дозволувајте детето да се извлече со насилството.
Ако, на пример, навредувало друго дете, натерајте го да му се извини.
Кога да побарате стручна помош?
Во некои ситуации со врсничко насилство, родителите навистина се немоќни. Тогаш е важно да се побара стручна помош.
Разговарајте со психолог ако детето минува низ стресен период, како развод или смрт на родител или член на семејството.
Истото важи и ако забележите дека детето не може да си го контролира гневот.
Добро би било да побарате помош и ако вашето дете има посериозен проблем со менталното здравје, како депресија, анксиозност или АДХД бидејќи некогаш и ова е причина за насилничко однесување.
За крај, иако е тешко да признаете дека вашето дете е насилник, не заборавајте дека ова не е проблем што ќе исчезне сам од себе. Со таквото однесување, вашето дете може да им создаде трауми на други деца, а може да си ја уништи и својата иднина.
Затоа, како родител, вашата задача е да делувате и да направите сè во ваша моќ за да го изведете детето на вистинскиот пат.
Спирова С. | Црнобело