„Ја воспитувам ќерка ми со помош ChatGPT – ми ги планира сите обврски, можам да си го исклучам мозокот“
„Ако треба да ми ги испланира оброците, му велам да преземе улога на нутриционист. Ако има некаков проблем, му велам да ми одговара како детски психолог кој ја разбира ќерка ми. Животот ми е многу полесен со ChatGPT“.

ChatGPT веќе е алатка што луѓето ја користат секојдневно – некои за работа, некои за пребарување информации, некои за разговор и барање совети…
Многу родители, пак, го користат четботот и како помошник во обврските со децата.
Иако ChatGPT не треба да се користи како единствен извор на информации и никако не треба да замени доктор, психолог и слично, алатката може да биде корисна за многу работи.
Лилијан Шмит од Германија, која живее во Швајцарија, има тригодишна ќерка, а нејзина објава стана вирална откако откри дека го користи ChatGPT како „трет родител“.
„Го претворив четботот во помошник родител. Ова ме направи подобра мајка и нема да престанам да го користам“, вели Лилијан.
Таа вели дека откако почнала да го користи четботот, животот ѝ станал многу полесен.
„Не дозволувам да донесува одлуки за мене, но секогаш го прашувам за совет. Нашите животи се премногу зафатени и менталниот товар е огромен.
Мојот партнер се грижи за домот и детето, но нашите мозоци функционираат различно. Тој прави тоа што треба да се направи, но јас сум таа што размислува за сè. Целиот овој товар паѓа на мене“.
Лилијан вели дека најтешко ѝ е навечер, кога ќе заврши со работа и нема енергија, но сепак треба мисли за обврските околу ќерка ѝ.
„Кога завршувам со работа е најхаотично бидејќи брзам да се вратам дома, а мојата ќерка е изморена.
Истовремено, треба да направам и вечера и сето ова е премногу. Пред да станам мајка, имав барем време да се релаксирам малку“.
Лилијан почнала да го користи ChatGPT во февруари годинава.
„Мислев дека ќе биде убаво ако четботот почне да размислува како мене. Па, сега го терам да ми дава одговори како експерт за тодлери или нутриционист. Му велам да ми кажува како се одвива процесот.
Ако треба да ми ги испланира оброците, му велам да ја преземе улогата на нутриционист и да ми направи листа со оброци кои се добри за деца“.
Ова, вели, ѝ заштедува многу време.
Лилијан додава ѝ дека нејзината ќерка била хиперактивна навечер, па заспивањето било тешко.
„Му реков на ChatGPT да презеде улога на детски психолог, некој кој го разбира нивниот развој. Му реков да ми помогне да разберам зошто на ќерка ми ѝ е тешко да легнува навечер.
Психолозите ни кажуваа дека треба да се релаксира, да се смири, но ова не функционираше. ChatGPT ми кажа дека ѝ треба стимулација – да ѝ дозволам да скока на креветот.
Оттогаш сме немале проблем, веќе не се бориме за спиење. За пет до десет минути е заспана“.
Лилијан вели дека иако е свесна дека не може да го користи како психолог, ChatGPT ѝ помага кога се соочува со криза.
„Ми помага да се справам со моите емоции. Четботот е алатка која мисли за мене. Ми помага да донесам одлука и ми го олеснува животот.
Нашиот живот не е совршен, уште сме презафатени. Ќерка ни уште има тантруми, но барем е полесно“, вели Лилијан.
Спирова С. | Црнобело