Зошто сум добра мајка, ама не и пријателка?

Рано наутро е, сонцето се пробива низ прозорецот со леснотија и го исполнува домот со блага светлина. Мојот сопруг шумно ме бакнува во образот и заминува на работа. Малечките сé уште мирно спијат. Седнувам да го испијам првото утринско кафе.

Jas-sum-dobra-majka-no-losa-prijatelka-01.jpg

Овие 60 минути се мојот слободен час во денот, исполнети со мир и тишина. Ги доживувам како еден вид медитација, буквално „крадам“ мал момент за себе. Момент кога на раат го пијам кафето, молчам и се обидувам да се релаксирам. Момент кога мозокот ми е „на пасење“.

Во утрото исполнето со мир и сончевина, го проверувам мејлот и одеднаш забележувам нова порака. Мојата најдобра другарка од детството ми испратила слика од нашите луди тинејџерски денови.

„Како си? Се сеќаваш на овој ден? Кажи колку ни беше забавно. Пиши ако ти треба нешто. Те гушкам“. <3

Зјапам во фотографијата. Колку сме млади и будалести. Релаксирани и среќни истовремено.

Родителите на шега нè нарекуваа „сабота и недела“. Нераздвоени, како сраснати бевме една за друга.

„Добро, што толку разговарате по телефон, кога си дојдовте од училиште пред 15 минути?“, довикува мајка ми. „Досега бевте заедно, цел ден бевте заедно“, ја слушам додека тивко се кикотиме со другарка ми по телефон.

Нераскинлива нишка на другарство, тоа си го ветивме. Дека ќе бидеме другарки засекогаш, дека секогаш ќе си го чуваме грбот, секогаш ќе си ги бришеме солзите.

Нашето другарство сега е сведено на мејлови кои ги читам со задоцнување, а одговарам со уште поголемо доцнење. Вообичаено го гледам мејлот, набрзина прелетувам со погледот низ него и си велам: „Ќе пишам штом ќе бидам дома, кога ќе имам малку повеќе слободно време“.

А тогаш настапува животот. Домот, средување, чистење, пеглање. Готвење ручек, ужинки, вечера. Кашички за децата. Пресоблекување, шетање, бањање, пеење, играње, дремка. Повторно истото од почеток. Спиење.

Купување, плаќање сметки. Роденденски забави. Умор, умор, умор.

Уморот на крајот од денот е посебна приказна. Бебето решило дека нема да спие оваа вечер. Му излегуваат запчиња. Другото го боли увото. Дежурно бдеете над нив цела ноќ, додека срцето ви спие, а душата ви плаче од умор.

Време за децата. Време за партнерот. Време за фамилиите. Време за сите, освен за самите себе.

Не сум лоша само во доцнење со одговор на мејловите од пријателите. Дури и кога ќе пронајдам малку слободно време да се видам со нив, секогаш тоа го правиме кога мене ми одговара.

„Може да се најдеме откако децата ќе ми заспијат? Ти одговара да дојдеш кај мене или барем во близина каде што живеам, за да можам брзо да се вратам дома ако сум потребна?“

Дури и кога конечно ќе излезам со пријателките, чувствувам како телото ми се опушта и ме совладува пријатна слатка дремка. Не е затоа што ми е досадно со нив. Туку затоа што сум преморена.

Сакам да зборувам со нив со часови, до исцрпување, сакам да пијам вино и да се смеам додека не ми потечат солзи, онака како што беше некогаш.

Но, тоа засега не е баш изводливо сценарио.

Се сменив. И она што сакам да го знаат моите другарки, е дека сум сосема свесна за тој факт.

Знам дека сум лоша пријателка. Знам дека изгледам расеано, незаинтересирано и поспано кога се слушаме или гледаме.

Но, она што можам да го ветам е дека нема да биде вака секогаш. Не планирам да бидам лоша и индиферентна пријателка засекогаш. Оваа фаза од животот нема да трае вечно.

Потребна сум им многу на моите мали дечиња, но времето поминува брзо. Тие растат со неверојатна брзина и ќе им бидам потребна сé помалку и помалку.

Ќе научат да си ги врзуваат патичињата сами, да си направат појадок сами. Ќе дојде и моментот кога нема да имаат ниту минутка време за мене, бидејќи ќе бидат зафатени со друштво и излегувања.

Звучи толку будалесто, но и покрај сиот умор наталожен во моето тело, сакам оваа фаза да трае подолго. Бидејќи тие се бебиња толку кратко, толку брзо поминува овој период.

Овој период, кога мислат дека сум најдобрата, најсмешната, најнежната мајка на светот. Кога ги подаваат рачињата кон мене и нежно ме гушкаат. Кога им ги мирисам косичките и обравчињата навечер додека мирно спијат.

Кога ќе пораснат, ќе имам нормално повеќе слободно време. Со текот на времето, надежно ќе научам како да ги балансирам подобро сите обврски. Ќе спијам подолго, ќе пијам кафе подолго, брзо ќе одговарам на мејловите.

И тогаш, ви ветувам, повторно ќе бидам старата јас, односно онаа што сум, вашата добра пријателка.

Јас сум тука. Сé уште сум јас, со малку изменети приоритети.

Но, што е најдоброто од сé? Тоа што моите пријателки разбираат. Целосно ме сфаќаат и не ме осудуваат. Кога тажно велам дека сум лоша пријателка, тие ми одговараат дека сум прекрасна мајка и нема потреба за такви грижи. И дека се тука, нема да избегаат никаде. 

И навистина, со толку добри разбрани другарки, нема простор за сомнеж дека нашето пријателство ќе се избрише како со гума.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Се грижам за децата и сите обврски во домот, а навечер работам - сопругот смета дека не заслужувам ... „Се грижам за трите деца и сите обврски во домот. Кога ќе си легнат, работам нек...
Тешко е да живеете во брак кај што сте повеќе мајка отколку сопруга На жената ѝ треба алфа мажјак. Не ѝ треба маж кого ќе го влече наоколу како дете...
„Мојот живот пред децата vs. по децата и зошто не би го менувала за ништо на светот?“ Пред децата, мојата романтична љубов кон партнерот мислев дека е најдлабоката љу...
Типови на луѓе на кои наидувам додека шетам со бебе низ Скопје Да се шета со количка за бебе низ улиците на Скопје е вистински предизвик - од т...
9 причини зошто двегодишните деца се магични, a не неподносливи Децата на 2 години ќе ве сакаат и во најлошите ситуации. Вашиот утрински зд...
„Одам на работа, се грижам за децата, чистам, а сопругот не прави ништо – решив да се разведам“ „Работам со полно работно време и јас правам сè. Јас готвам, јас го чистам тоале...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg