Бајковитата свадбена фотосесија на Александар од „Либеро бенд“ и Марија во Италија: „Локалците го застануваа сообраќајот за нас“
„Снимено е буквално сè - од изгрејсонце на Дуомо, кога Милано уште спиеше, до улиците на Белаџио и величествената вила Песина. За изгледот за фотосесијата се погрижив сама, а Александар и тимот ми помагаа околу фустанот, штиклите, велот, носење вода, огледало“, вели Марија Стојановска за CRNOBELO.com.

Александар Тасевски (32), од Либеро бенд, и неговата сакана Марија Стојановска (28) ќе се заколнат на вечна љубов на 8 септември, кога е закажана нивната свадба во познат скопски ресторан.
Најавата за свадбата и свадбената фотосесија, направени во срцето на Милано и на езерото Комо, предизвикаа големо внимание.
Нивнoто неодамнешно Save the Date видео, објавено на Инстаграм, привлече огромно внимание и најави свадба што ветува стил, љубов и вистинска магија.
И фотографиите направени во Италија се како од бајка. Марија и Александар заљубено позираат пред и во близина на миланското Дуомо, уживаат додека се возат на бротче во езерото Комо, во црвен спортски автомобил низ Италија, а дел од фотосесијата е направена и во една од вилите, кои се специфични за овој дел од земјата.
Додека ја правеле фотосесијата, Марија и Александар за забавувале и уживале во секој момент, кој, велат, ќе го паметат засекогаш.

За прекрасната фотосесија во Италија, но и за нивната љубовна приказна, Марија раскажа за CRNOBELO.com:
„Александар е музичар во Либеро бенд и покрај настапите на сцена, секојдневно ја пренесува својата љубов кон музиката и во училишните клупи, каде работи како наставник по музичко образование.
За мене, пак би рекла дека сум динамична и мултиталентирана - продукт менаџер по професија, но и ментор по програмирање, графички дизајн и веб дизајн.
Ние одамна ја комбинираме нашата љубов со креативноста - заедно работиме во свое студио, каде снимаме и едитираме музички спотови, реклами и фотографии.

И иако распоредот ни е преполн со обврски, секогаш наоѓаме време за заеднички патувања, авантури и создавање спомени.
Па, така, бевме и пресреќни и горди што токму ние сме првиот пар од Македонија кој направил предсвадбена фотосесија на толку гламурозни локации – Милано и езерото Комо, каде модата, уметноста и романтиката се дел од секојдневието.
Се чувствувавме како да снимаме сопствена филмска љубовна приказна.

Нашите пријатели велат дека сме секогаш насмеани, позитивни и спонтани, и тоа сме навистина ние.
Живееме со идејата дека животот е подобар кога не се плашиш да експериментираш, кога излегуваш од комфорната зона и кога со партнерот градиш свет полн со автентични искуства и спомени.

