Бајковитата свадбена фотосесија на Александар од „Либеро бенд“ и Марија во Италија: „Локалците го застануваа сообраќајот за нас“
Ние веќе четири и пол години живееме заедно, што е доволно време да научиме како да балансираме меѓу динамичните животи и љубовта што секојдневно ја градиме.
Александар ме запроси на една од најмагичните локации, Aura Skypool во Дубаи, со сонце во декември, поглед кон Палмата и атмосфера што совршено ја долови нашата приказна.
Без голема продукција, но со многу срце и внимание на деталите, токму како што посакувавме.

Нам добра страна ни е организацијата – и двајцата знаеме да се снајдеме во секој момент, си помагаме меѓусебно и токму тоа ни овозможува вистински да уживаме, каде и да патуваме.
Кога одлучивме дека сакаме свадбената фотосесија да биде нешто поразлично, без многу размислување ја избравме Италија – но не класичните дестинации.
Милано и езерото Комо ни беа совршен спој на урбана елеганција и природна романтика, токму она што нè опишува и нас како пар.

Што се однесува до изгледот за фотосесијата, за тоа се погрижив самата.
Шминката, фризурата, деталите – сè беше моја организација, иако не бев сама.
Александар и тимот ми помагаа околу фустанот, штиклите, велот, носење вода, огледало, опрема... буквално бевме мала подвижна продукција со големо срце.
Секаде каде што се движевме – се движевме заедно, во синхронизирано темпо, со многу смеа и разбирање.

Со нас беа и нашите пријатели и долгогодишни соработници – перфектните фотографи од Say Yes, со кои сме пријатели долго време, и Даниел Јовески, кој е навистина маестро кога станува збор за видео и едитирање.
Заедно го создадовме нашето love story видео кое ќе го видат гостите кои ќе присуствуваат на свадбата.
Снимено е буквално сè – од изгрејсонце на Дуомо, кога Милано уште спиеше, до улиците на Белаџио и величествената вила Песина.
Секој кадар беше резултат на претходна подготовка, но и на спонтаност на терен.

Она што нè воодушеви беше гостопримливоста на луѓето – локалците ни го олеснија целиот процес: го застануваа сообраќајот, предлагаа креативни локации, дури и ни понудија веспи, без воопшто да ги прашаме.
Сето тоа со насмевка и огромна поддршка – како да бевме дел од некоја вистинска италијанска романтична сцена.

А додека траеше целиот процес, секако, имаше многу смешни и неочекувани моменти, но едно нешто ни остана како вистинска мистерија.
Секојпат кога патувавме од Милано кон Комо, врнеше дожд, небо полно со темни облаци, и ние буквално се обесхрабрувавме.
Дојде момент кога дури размислувавме да ја презакажеме фотосесијата во вилата и бротчето за следниот ден.

