Жени споделуваат за кои третмани за убавина зажалиле (и зошто)
„Ринопластика. Бев многу млада, одлуката беше импулсивна и жалам секој ден. Ве молам почекајте да созреете пред да донесувате вакви одлуки“.

Модерните третмани за убавина можат да ни решат многу проблеми и да ни помогнат да средиме некои недостатоци што не ни се допаѓаат.
Од пилинзи на козметичар, до ботокс и пластични операции, навистина има безброј опции за скоро сè.
И, сè додека се прават кај проверени козметичари, дерматолози и хирурзи, ваквите третмани се генерално безбедни и даваат добри резултати.
Сепак, некои луѓе брзаат со одлуката да направат некаков третман, не истражуваат за можните последици, го прават третманот за други, а не за себе или, пак, одат во непроверени салони и клиники.
Во ваквите ситуации, неретко зажалуваат за третманот.
Корисници на Редит споделуваат за кој третман за убавина зажалиле:
„Ринопластика. Одлуката беше импулсивна и жалам секој ден. Исто така бев и многу млада кога ја направив операцијата.
Ве молам не правете пластични операции за други луѓе. И, дефинитивно чекајте да созреете за да можете да донесете поразумни одлуки за вашето тело“.
„Микроблејдинг – мислев дека ќе избледи со текот на времето, но по три години, веѓите уште ми се темни“.
„Перманентен ајлајнер. На горниот капак изгледа добро, но не знам зошто ѝ дозволив на козметичарката да му стави и на долниот“.
„Бев на третман каде што ми го избричија лицето со жилет. Никогаш во животот не ми се појавиле повеќе акни. Морав да пијам и антибиотици“.
„Бев на ласерски третман за хиперпигментација. Беше многу болно и ми требаше цел месец за да закрепнам. Најлошо е што не ми помогна“.
„Надградба на коса. Изгледав навистина убаво, но кога ги извадив екстензиите, косата ми беше многу кратка и оштетена. Ми требаа неколку години за да ѝ ја подобрам состојбата“.
„Филери во образите. Не знаев дека ми ставиле перманентен филер и треба да поминат неколку години за да се разгради. Образите не ми изгледаат како што сакав, туку само лицето ми е пошироко“.
„Ласерско отстранување на влакна – го направив пред многу години, кога го рекламираа како трајно решение. Чекав по два месеца од една до друга сесија и, очигледно, не беше евтино.
Резултат траеше пет години и потоа одеднаш ми пораснаа сите влакна. Но, тогаш не ми кажаа дека резултатот нема да трае засекогаш“.
„Кератински третман за коса. Имав преубави локни и не знам зошто го направив третманот. Сега треба да чекам да ми порасне косата за повторно да имам локни“.
„Си ставив ботокс за брчките на крајот од очите. Сега, кога се смеам, не изгледам среќно, туку изгледам страшно бидејќи кожата околу очите не ми се движи. Едвај чекам да му помине ефектот“.
Спирова С. | Црнобело
