Пет грешки поради кои маските за лице не ви делуваат (и ви ја иритираат кожата)
Ги комбинирате со други продукти и не ги миете остатоците, дури и ако тоа е наведено на амбалажата на маската.

Маските за лице станаа мошне популарен продукт за нега и од нив навистина има придобивки.
Некои ја хидрираат кожата, некои го намалуваат црвенилото, некои го стимулираат производството на колаген…
Но, за маската да бие ефикасна, мора да имате предвид некои работи.
Дел од најчестите грешки што можеби ги правите и вие:
Се движите додека ви стои маската
Ова најмногу важи за таканаречените sheet маски за лице кои можат да се лизнат од лицето доколку сте исправени или се движите.
Ако маската се лизне, нема да биде рамномерно наместена на лицето, а некогаш може да ви заврши и во очите.
Па, додека ви стои маската, најдобро е да лежите.
Ја држите маската на лицето предолго
Секогаш следете ги инструкциите на амбалажата за тоа колку долго треба да ја држите маската на лицето.
Ако, на пример, ставате маска со глина, можете многу да ја исушите кожата доколку ја држите предолго на лицето.
Некои маски, пак, содржат поагресивни состојки кои можат да ја иритираат кожата ако ги држите подолго.
Затоа, не ризикувајте и за максимален ефект, следете ги инструкциите.
Пречесто користите маски
Маските имаат многу повеќе активни состојки од продуктите за секојдневна употреба и воопшто не треба да ги користите често.
И во овој случај следете ги инструкциите – некои маски треба да ги ставате два-трипати неделно, а некои и поретко.
Не ги миете остатоците
Ова зависи од типот на маска. Кај некои маски е во ред само да ги втриете остатоците и да оставете да се впијат.
Но, ако на маската е наведено дека треба да го исплакнете лицето, не го прескокнувајте овој чекор.
Обично маските имаат поразлична и погуста текстура од кремовите и серумите, па ако не ги измиете кога треба, може да ги затнат порите и да создадат иритација.
Ги комбинирате со други продукти
Нема да постигнете ништо ако прво ставите крем, серум или друг продукт, па потоа маска.
Некогаш, во зависност од активните состојки во продуктот и маската, ова може и да ви ја иритира кожата.
Маската секогаш се нанесува на чисто лице, без никаков продукт, за да има најголем ефект.
Спирова С. | Црнобело