Зошто да внесувате повеќе течности?
Само кислородот му е попотребен на телото од водата, која често ја занемаруваме при внесувањето на потребните состојки во организмот. Како правилно да се хидратизираме и рехидратизираме?

Хидрацијата на телото треба да се одржува со редовно внесување на течности, една чаша вода со отпивање по неколку голтки, за време на половина час.
Рехидрацијата е процес кој трае, па на нашето тело мора да му дадеме време течноста да ја прифати и искористи.
Ако заклучите дека веќе подолг период не сте внесувале течност или дека устата ви е сува, а движењето споро, чувствувате пад на концентрацијата и умор, време е за рехидрација бидејќи ова се првите знаци за блага дехидрација и треба да се избегне интензивното чувство на жед. Нагонот за внесување на течности (жедта) не е толку силен како нагонот за јадење (гладта), но е многу поважен.
Одличен извор на течности за рехидрација се:
- Водата
- Природните сокови (од овошје, зеленчук, микс)
- Млекото и ферментираните напитоци
- Овошјето и зеленчукот (особено со висок процент на вода, како јагодите, малините, лимоните, дињата, лубеницата, патлиџаните, тиквичките, зелената салата...)
- Супи (јадења кои се јадат со лажица)...не премногу зачинети и без запршка (најдобро бистри супи и варива со зеленчук)
Нека не ве залажува чувството кое што го имате додека пиете газирани напитоци, бидејќи тие само привидно ја отстрануваат жедта, вистината е дека CO2 од тие напитоци го полни желудникот со гасови и создава чувство на полност што доведува до помало внесување на течности во текот на денот. Кафето и алкохолните пијалаци имаат диуретско дејство, па се препорачува при високи температури да се избегнуваат или да се консумираат во помала мерка.
Кружењето на водата во телото мора да биде во рамнотежа што е отежнато при екстремни климатски услови, односно жештините кои што ни следат. Затоа да не заборавиме на своето тело и да ги избегнеме последиците кои ги носи дехидрацијата и да уживаме во летото.
