Навики со кои си го оштетувате срцето, а не им обрнувате многу внимание
Само затоа што сте во 20-тите години од животот, не значи дека сте млади за проблеми со срцето. Ако не водите грижа за себе во младоста, подоцна во животот сигурно ќе се соочите со проблеми.

Кардиоваскуларните проблеми се меѓу најчестите причини за смрт во светот, но и кај нас.
Па, јасно е дека многу луѓе не водат добра грижа за своето срце или прават работи со кои несвесно си штетат.
Кои се навиките на кои не им обрнувате многу внимание, но му штетат на срцето?
Голем дел од денот минувате во седење
Многу луѓе мислат дека ако вежбаат 2-3 пати неделно, тогаш не мора да се грижат ако најголем дел од денот минуваат во седење.
Но, активноста само трипати во неделата не може да ја намали штетата од постојното седење. Односно, важно е да бидете активни во поголемиот дел од денот.
Ова секако дека е тешко ако минувате осум часа дневно на биро, но пробајте на паузата да направите некој чекор или на секои час-два да се раздвижите барем неколку минути.
Одете си пеш од работа, паркирајте го автомобилот подалеку од работното место или, пак, слезете една станица порано доколку одите со автобус.
Кога сте дома, вметнете што е можно повеќе движење – трчајте во место додека гледате серија, пуштете музика и движете се повеќе додека чистите… Генерално, пробувајте да вметнете движење во секоја активност.

Си велите дека уште сте млади
Повеќето мислат дека проблемите со срцето почнуват дури по 40-тиот, па и 50-тиот роденден. Но, ако целиот живот не сте воделе грижа за себе, кога проблемите ќе се јават, може да биде и доцна.
Немојте да се лажете дека сте имуни на проблеми со срцето само затоа што имате 20-тина години. Важно е да се грижите за здравјето уште во младоста а подоцна да ги избегнете сериозните проблеми.
Често се опуштате со алкохол
За повеќето луѓе кои немаат проблеми со здравјето, умереното пиење е во ред. Но, ако секој ден се релаксирате со коктел или 2-3 пива, ова секако дека ќе се одрази на здравјето на срцето.
Прекумерното пиење алкохол го поттикнува акумулирањето масти што, пак, може да довде до стеснување на артериите.
Исто така, кога сме под дејство на алкохол, се зголемува и крвниот притисок што долгорочно може да биде сериозен проблем.

Не внимавате многу на исхраната
Не мора да следите строги диети или целосно да ја исклучите нездравата храна од менито. Но, не треба ни да јадете само мрсна и нездрава храна.
Она што е важно е да направите баланс – трудете се да внесувате повеќе овошје и зеленчук, јаткасти плодови и храна со добри масти, како авокадо.
Здравата исхрана не мора да биде рестриктивна, сè додека правите некаков баланс.
Не правите контроли
Не можете „од око“ да познаете дали имате висок холестерол, висок шеќер или висок крвен притисок. Па, важно е барем еднаш годишно да ги проверувате овие параметри.
Некогаш покачените вредности не покажуваат симптоми сè додека не направиле поголема штета.

Не барате помош за проблемите со менталното здравје
Ако сте депресивни, анксиозни, под стрес и слично, нормално е да ви биде потешко да обрнете внимание на исхраната, физичката активност или здравјето воопшто.
Повремено сите се чувствуваме тажно, исцрпено и под стрес. Но, ако овие чувства преовладуваат повеќе од две-три недели, добро би било да разговарате со експерт.
Спирова С. | Црнобело
