Постпородилна депресија: Препознавање и совети од психотерaпевт Ивана Хаџиванова

Родителството се учи и тоа е долг процес. Не бидете престроги кон себе. Како да препознаеме постпородилна депресија?

postporodilna-depresija-prepoznavanje-i-soveti-od-psihoterpaevt-ivana-hadjivanova-01.jpgфото: depositphotos.com

Постпородилната депресија е психолошко растројство кое се јавува после породувањето на мајката. Причините се мултифакторијални, односно тука се срединските фактори, но и биохемиските и психолошките промени и адаптации кои уште повеќе ја зголемуваат веројатноста за појава на постпородилна депресија кај некои мајки.

Физичката исцрпеност по породувањето, стресот, депривација од сон, исто така влијаат на појавата на оваа состојба. Најголем ризик за појава на постпородилна депресија имаат оние кои во минатото имале депресивна епизода, како и оние кои имале постпородилна депресија во претходните бремености, а влијание имаат и конституционалната и карактерна предиспозиција и хередитарноста во семејството.

Голем е ризикот и кај оние мајки кај кои бременоста е несакана, кои не се емотивно зрели и подготвени за родителство, кај адолесценти и личности кои незнаат што да очекуваат, и кај тие кои немаат можност за помош, а имаат отежнати услови за живот.

Постпородилната депресија на почетокот има сличности со состојбата на постпородилната тага (бејби блуз), но симптомите се многу повеќе изразени, подолго траат и влијаат на способноста на мајката да се грижи за себе и за бебето.

Односно, има изразен пад во функционалноста и хормичките-животните функции.

Типично за оваа состојба е што симтомите се јавуваат во првите три месеци по породувањето и тоа постепено, не започнуваат со нагол тек. А, симптомите може да почнат и уште за време на бременоста.

Карактеристични симптоми се депресивно расположение, плачливост, константен интензивен замор, чувство на беспомошност, губиток на апетит, несоница, интензивна раздразливост и конфликтуозност, пад на либидо и чувство на непривлечност и несигурност во својот нов изглед, губиток на животна радост, чуство на вина и срам, промена во расположение, потешкотии и несигурности поврзани со грижата околу бебето, повлекување од членовите на семејството и пријателите, страв од себеповредување и повредување на бебето, бесмисленост и црни мисли, анксиозност и опсесивни руминации до состојба на константна грижа и преоптеретеност со бебето и улогата на мајка… 

Некогаш поблаго манифестираната состојба минува сама од себе и со соодветната грижа, во рок од два до три месеци и без стручна асистенција.

Но, препорачливо е ако постпородилната тага потрае повеќе од две недели,  има повеќе од горенаведените симптоми присутни со значајна нарушеност во функционирањето, меѓу кои и минимална грижа за себе и бебето со присутен ризик по здравјето и животот, задолжително треба да се побара помош од психолог/психотерапевт или и психијатар доколку е состојба за која е потребна и фармакотерапија.

Каква поддршка е потребна во тој период? Кои работи би помогнале во оваа состојба?

Поддршката од партнерот и најблиските се исклучително важни, а охрабрувачките пораки се незаменливи. Секако помош при организацијата на времето е добредојдена и пожелно е да се направи добар распоред на работите кои мора да се направат, и кои може да почекаат.

postporodilna-depresija-prepoznavanje-i-soveti-od-psihoterpaevt-ivana-hadjivanova-02.jpg
фото: depositphotos.com

Голема помош и олеснување е да друг некој ја превземе одговорноста за готвењето во домот, секако доколку тоа е можно. Во почетниот период, родилката да се советува да одмара колку што може повеќе, особено кога и бебето спие.

Препорачувам во првите денови да нема голем број на посетители во домот. Доколку новата мајка има потреба од исплакување, да и се дозволи и да се подржи во тоа, да не се спречува.

Таа треба да се ислуша, и да се комуницира со неа, со еден збор да се направи атмосфера каде ќе чувствува дека не е сама, дека има на кого да се потпре. Здрава исхрана, прошетки на свеж воздух, природна сумплементација и течности се добредојдени.

Доколку состојбата прогресира, не минува, личноста станува се повеќе нефункционална и се намалува капацитетот за новата мајчинска улога и секојдневните обврски се одвиваат со потешкотии, веднаш да се направи консултација со стручно лице од областа на менталното здравје.

Покрај погоре наведените форми на грижа и поддршка, секој си знае каква поддршка му е потребна во тој период и според мене треба јасно да ја изговори на најблиските. Доколку новите родители не ја препознаваат својата потреба, најблиските и поискусните треба да проценат во која форма им треба. Самодовербата и сигурноста во себе доаѓаат со се поголемото искуство, превземање на одговорност, учење и работа на себе.

postporodilna-depresija-prepoznavanje-i-soveti-od-psihoterpaevt-ivana-hadjivanova-03.jpgфото: pexels.com

Родителството се учи и тоа е долг процес. Не бидете престроги кон себе. Пофалбите од околината, разбирањето, поддршката и убавиот збор ја зацврстуваат самодовербата кај младите родители.

Голема помош е присуството на другите членови од семејството и превземање на дел од обврските. Но, со големо внимание да нема преголем пробив на родителските граници и сојуз. 

Некогаш, колку и да е тоа добронамерно, младите родители го доживуваат како притисок, наметнување на стил и неможност да ја превземат својата лична одговорност и слободно да го развиваат својот стил кој го преферираат за нега, развој и воспитување на своето дете.

Во тој случај, советувам да се постават јасни граници со поширокото семејство и младите родители јасно да ја изразат својата потреба за индивидуалност и слобода во новите улоги, а помошта и сугестиите да следат кога тие би ги побарале и истите би ги слушнале, но би ги прифатиле само доколку сметаат дека се соодветни за нив.

Текстот го подготви М-р Ивана Хаџиванова 
Психолог, Психотерапевт и Супервизор
Основач на НЕОКОРТЕКС- Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација
НЕОКОРТЕКС може да ги следите на Фејсбук и Инстаграм

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Би можело да ве интересира:

Како да познаете дали имате депресија и како можете да си помогнете? Депресијата е нарушување кое предизвикува чувства на очај, тага и безнадежност и...
12 совети како да се грижите за вашето ментално здравје Ако сте имале некаква траума,, како сообраќајна незгода, сексуален напад или смр...
8 причини зошто не треба да спиете премалку или премногу Знаевте ли дека темите подочници не настануваат само кога не спиеме доволно, тук...
Констипација кај деца – совети и трикови како во домашни услови да им помогнете Погрижете се вашето дете да пие доволно количина вода во текот на дено...
5 проблеми со здравјето кои можат да ви го уништуваат летниот одмор + превенција за нив Сончаницата и забоболката се едни од најчестите проблеми со здравјето кои можат ...
Трикови и совети кои ќе ви помогнат да се заштитите од комарци Сезоната на комарците започна. Ова сигурно го почувствувавте на сопствената кожа...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg