Што е „добар“ и „лош“ холестерол, зошто се зголемува неговото ниво и како да го контролирате?

Холестеролот може да почне да се таложи на крвните садови ако неговото ниво во организмот е многу високо, па со ова да го зголеми ризикот од мозочен удар и срцеви заболувања. Но, можете да го намалите неговото ниво со мали промени во животните навики.

shto-e-dobar-i-losh-holesterol-zoshto-se-zgolemuva-negovoto-nivo-i-kako-da-go-kontrolirate-01.jpg

Многу луѓе имаат проблем со висок холестерол. Но, што значи ова, која е причината за високото ниво и дали може да се намали?

Што е холестерол и која е неговата улога?

Холестеролот е липид – органско соединение кое не е растворливо во вода. Тој се наоѓа во мембраните на клетките на сите ткива и е неопходен за нормално функционирање на организмот.

Ние го добиваме холестеролот од два извора – дел произведува нашиот црн дроб, а останатиот го внесуваме преку храна од животинско потекло, како месо. Некоја храна може и да го зголеми производството на холестерол во организмот. 

Покрај тоа што холестеролот е важен дел од градбата на клетките, тој има важна улога во производството на витаминот Д и некои хормони кои го одржуваат нашето здравје.

Исто така, холестеролот е вклучен во производството на жолчните киселини.

shto-e-dobar-i-losh-holesterol-zoshto-se-zgolemuva-negovoto-nivo-i-kako-da-go-kontrolirate-02.jpg

Што е разликата помеѓу добар и лош холестерол?

Сигурно досега сте слушнале за „добар“ и „лош“ холестерол – двата вида холестерол кои се наоѓаат во нашето тело.

„Лошиот“ холестерол зафаќа поголем дел од вкупното количество холестерол во нашето тело. Се нарекува „лош“ бидејќи ако неговото ниво е многу високо, може да ги блокира крвните садови и да зголеми ризикот од болести на срцето и мозочен удар.

„Добриот“ холестерол, од друга страна, го апсорбира „лошиот“ и го враќа кон црниот дроб. Потоа, преку црниот дроб, „лошиот“ холестерол се исфрла од телото. Повисокото ниво на „добар“ холестерол значи и помал ризик од болести на срцето и мозочен удар.

shto-e-dobar-i-losh-holesterol-zoshto-se-zgolemuva-negovoto-nivo-i-kako-da-go-kontrolirate-03.jpg

Зошто се зголемува нивото на холестерол и кои опасности ги предизвикува?

Кога во телото има многу „лош“ холестерол, тој може да почне да се таложи на крвните садови. Со текот на времето, ако не се контролира нивото, холестеролот може целосно да ги блокира крвните садови и да предизвика проблеми како срцев и мозочен удар.

Некогаш високиот холестерол може да биде наследен, но најчестите причини за зголемување на нивото се:

  • Јадење многу мрсна и блага храна
  • Физичка неактивност
  • Дебелина
  • Пушење
  • Прекумерно пиење алкохол

Во некои случаи, високиот холестерол може да биде предизвикан од:

  • Многу стрес
  • Проблеми со тироидната жлезда
  • Менопауза
  • Проблеми со црниот дроб
  • Проблеми со бубрезите
  • Бременост

Ова значи дека ако генерално водите здрав живот, а имате висок холестерол, можеби е предизвикан од втората група причини. Што значи, разговарајте со вашиот лекар за да ја утврдите причината, но слушајте ги и неговите препораки. 

shto-e-dobar-i-losh-holesterol-zoshto-se-zgolemuva-negovoto-nivo-i-kako-da-go-kontrolirate-04.jpg

Кои се симптоми на висок холестерол?

Високото ниво на холестерол не предизвикува никакви симптоми и се открива само со крвна слика.

Затоа, имајте на ум дека ако јадете многу мрсна храна, не вежбате и слично, препорачливо е го проверите нивото. Но, дури и да водите здрав живот, добро би било одвреме-навреме да правите крвна слика.

shto-e-dobar-i-losh-holesterol-zoshto-se-zgolemuva-negovoto-nivo-i-kako-da-go-kontrolirate-05.jpg

Како да го намалите нивото на холестерол?

Како и со многу здравствени проблеми, и високиот холестерол може да се реши со неколку промени во животните навики.

Во зависност од вашата ситуација, вашиот лекар може да ви препише некаква терапија за висок холестерол.

Покрај терапијата, препорачливо е да ги направите и следниве промени:

Јадете помалку мрсна храна, особено намирници со заситени масти. Јадете повеќе лосос, кафеав ориз, јаткасти плодови, овошје и зеленчук, а јадете помалку мрсно месо, путер, кашкавал, слатки и храна со палмино масло.

Вежбајте повеќе. Пробајте да одвоите барем два часа неделно за интензивен тренинг.

Намалете ги цигарите или целосно оставете ги.

Намалете со алкохолот. Немојте да пиете секој ден, ограничете го внесот на само неколку пијачки неделно и избегнувајте да пиете многу алкохол наеднаш.

shto-e-dobar-i-losh-holesterol-zoshto-se-zgolemuva-negovoto-nivo-i-kako-da-go-kontrolirate-06.jpg

Спирова С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Симптоми на мини мозочен удар што не треба да ги игнорирате Минливиот исхемичен напад неретко е знак дека наскоро може да дојде до мозочен у...
Зошто понекогаш окото ни „игра“ и дали е знак за сериозен проблем? Играњето на окото е појава со која сме се соочиле скоро сите. Во повеќето случаи...
Констипација кај деца – совети и трикови како во домашни услови да им помогнете Погрижете се вашето дете да пие доволно количина вода во текот на дено...
Како да се справите со вошките и што треба да знаете пред да почнете да го чистите детето? На гнидите им требаат од 5 до 10 дена за да се развијат во мали вошки, на кои па...
Кои промени на стапалата и ноктите можат да бидат знак за некаков проблем со здравјето? Ако имате многу сува кожа којашто се лупи, и покрај добрата нега на стапалата, м...
4 предупредувачки знаци дека менталното здравје треба да ви стане приоритет Дали лесно станувате гневни, дури и за најбаналните работи? А, дали ви се чини д...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg