Вирални трикови за чистење што навистина функционираат (со продукти што ги имате дома)
За да го отстраните бигорот од главата на тушот, ќе ви треба само оцет, а за да го исчистите тапацираниот мебел, направете раствор од алкохол, вода и средство за садови.

Бигорот на чешмите, прашината на венецијанер ролетните и дамките на тапацираниот мебел се работи што се чистат малку потешко.
Но, има трикови кои ќе ви ја олеснат оваа обврска.
Вирални трикови за чистење кои навистина функционираат:
Лимон за даската за сечење
Поради гребаниците од ножот, важно е темелно да ја чистите даската за сечење. Но, истовремено, не е препорачливо да користите силни хемикалии бидејќи, сепак, на неа се приготвува храна.
Затоа, чистењето со лимон е идеално – ќе ја дезинфицира даската, но и ќе ги отстрани непријатните мириси.
Треба само да исечете лимон на половина и на него да ставете сол, па да ја истриете даската. На крај измијте ја со средство за садови.

Отстранување бигор со оцет
Бигорот може да ја затне главата од тушот, па важно е да ја чистите редовно, а има и мошне ефикасен трик кој ќе ве спаси од триење.
Извадете ја главата од тушот и накиснете ја во бел оцет. Оставете ја отстои неколку часа, па само исплакнете ја.
На овој начин можете да го отстраните и бигорот од чешмите – во кеса ставете бел оцет, па врзете ја на отворот на чешмата и оставете да делува неколку часа.

Одзатнување одводи
Ако одводот е целосно затнат, тогаш е најдобро да викнете професионалец.
Но, ако блокадата е мала, односно водата само истекнува побавно, можете да го средите и сами.
Во одводот истурете околу една шолја сода бикарбона и исто количество оцет. Оставете да делува, па пуштете силен млаз вода.

Трик за чистење душеци
Сода бикарбоната може да ви помогне и да го освежите душекот.
Испрскајте го душекот со сода бикарбона и оставете да делува – ќе ја впие влагата и непријатните мириси. Потоа само соберете ја со правосмукалка.
За свеж мирис, можете прво да ја измешате содата со 2-3 капки етерично масло.

Чистење тапациран мебел
За да го дезинфицирате тапацираниот мебел, ќе ви треба само алкохол и малку средство за садови.
Во шише со распрскувач измешајте една шолја алкохол, две шолји топла вода и една лажица средство за садови.
Прво поминете го мебелот со правосмукалка, па испрскајте го со растворот. Немојте да го накиснете туку само малку да ја навлажните површината.
Потоа истријте со микрофибер крпа и оставете да се исуши.
За потврдокорни дамки, нанесете повеќе од растворот врз нив и истријте ги со сунѓер.

Трик за чистење венецијанер ролетни
Дефинитивно, венецијанер ролетните се меѓу најтешките предмети за чистење во домот. Но, можете брзо да ги исчистите со микрофибер крпа и штипалка за храна.
Ставете ја микрофибер крпата на штипалката, како на фотките подолу, па прицврстете ја со ластик.
На овој начин, истовремено ќе ги чистите двете страни на ролетните.

Чистење на машината за садови
Уште еден трик за кој ќе ви требаат сода бикарбона и оцет.
Ако машината нема циклус за чистење, можете да ја пуштите празна.
Но, за да се отстранат остатоците од средството, како и бигорот, најпрво во неа ставете сад со бел оцет, па пуштете ја највисока температура.
Потоа на дното ставете сода бикарбона, па пуштете ја уште еднаш на највисока температура.

Спирова С. | Црнобело
