Никола од Скопје ја накити елката во ноември: „Верувам дека тие што порано внесуваат празнична атмосфера во домот се посреќни“
- Детали
- четврток, 27 ноември 2025
„Елката ја чувам накитена до крајот на јануари. Некои велат дека е долго, но јас секогаш се смеам - ако нешто ти прави добро, зошто да го тргнеш порано?“ - вели Никола Блажевски за CRNOBELO.com, кој го украси празнично домот околу 20 ноември.

Никола Блажевски од Скопје секоја сезона го украсува својот дом поинаку.
Откако до пред некој ден во неговото катче доминираа тикви и есенски мотиви, нив сега ги замени елката и новогодишните украси.
Никола е меѓу првите кои го накитија својот дом празнично, околу 20 ноември, а тој вели дека верува во истражувањата кои покажуваат дека луѓето што порано ја внесуваат празничната магија во својот дом се посреќни.
Доказ плус за ова се и неговите пријатели, кои, откако му е накитено, постојано му се на гости.


За празничното уредување, направено со многу љубов и естетика, Никола раскажа за CRNOBELO.com:
„Признавам - секоја година украсувам сè порано, и воопшто не се каам за тоа. Верувам во истражувањата кои велат дека оние што порано ја внесуваат празничната атмосфера во домот се посреќни, затоа што тоа навистина го живеам тоа.
Новогодишните светилки и силните бои често ја будат носталгијата, спомените од детството и чувството дека доаѓаат убави моменти, што позитивно влијаат на емоциите.
Од моментот кога ќе го поставам првиот украс, домот почнува да дише поинаку - станува потопол, поблизок, поволшебен.


Елката ја чувам накитена до крајот на јануари. Некои велат дека е долго, но јас секогаш се смеам - ако нешто ти прави добро, зошто да го тргнеш порано?
Празничната светлина создава атмосфера во која се чувствувам смирено, мотивирано и инспирирано, па дозволувам таа магија да остане со мене онолку долго колку што ми годи.


Украсувањето трае два дена и за мене е вистински ритуал. Имам украси донесени од речиси секое патување - мали сувенири кои носат делчиња од светот дома.
Другите ги добивам од пријатели и роднини, секој со своја приказна и емоција.
Кога ги отворам кутиите, не откривам само украси, туку спомени, моменти, доживувања, и на секој од нив му давам ново место на елката секоја година.


Најомилен ми е првиот лампион што го ставам секогаш на почетокот. Тоа не е само украс - тоа е мој личен обичај. Секоја година, кога го закачувам, си замислувам желба.
Тоа е момент тивок, посебен, како мала свеченост само за мене. Верувам дека желбите кажани под меката светлина на првиот украс имаат посебна моќ.


