7 трикови за уредување со кои и скромниот дом ќе делува луксузно
Бр. 1 - не се плашете да ставите мебел или украс во темни бои кои делуваат луксузно и богато. Бр. 5 - додадете суптилно светло кое ќе нагласува украсни детали.

Дури и скромно уредениот и мал по квадратура дом, може да се трансформира и да добие луксузна нота, со менување на неколку детали.
Секако дека нема да биде без пари, но не ви е потребно целосно реновирање за да направите промени и да ви делува просторот побогато.
Во продолжение погледнете некои трикови со кои може да се послужите:
Играјте си со боите – ставете некој детаљ во темна боја наместо само светли тонови
Длабоките, темни бои, како тегет, бордо или сафирно зелена, изгледаат елегантно и луксузно, а сепак убаво и во мал простор ако се искористат соодветно.
Едно парче мебел, комбинација од пернички во впечатливи бои, лустер или по некое столче, може да биде идеално за да разбиете монотонија.

Огледала за оптичка илузија на поголем простор
Огледалата визуелно го зголемуваат просторот и додаваат светлина, со што домот изгледа поскапо и стилски.
Ставете огледало по цела должина во ходник или во близина на прозорци, но внимавајте – не ги ставајте на места каде ќе рефлектираат натрупаност, растурени кабли или нечистотија.

Обрнете внимание на електричен систем – односно штекери, кабли и продолжени кабли
Куп натрупани кабли, стар продолжен кабел, пожолтени или ретро штекери... сето ова придонесува за уништување дури и на најстилскиот стан.
Ако не сте мислеле навреме при уредувањето или реновирањето на тоа, може да најдете некои капаци или модели кои делуваат како декор.

Луксузен текстил како додаток на уредувањето
Додатоци со текстил кој изгледа луксузно може многу да помогне во уредувањето – изберете долги кадифени завеси или друг материјал кој делува богато, перничиња од велур, крзнени елементи, зависно од стилот и сезоната.
Со малку декоративни елементи просторот веднаш ќе се промени.

Осветлување што нагласува детали
Многупати е кажано дека не е доволно само главното осветлување односно еден лустер.
Секогаш полуксузно делуваат дополнителните скриени осветлувања, а посебно впечатливи се оние кои истакнуваат одредени декоративни детали како украси или уметнички дела.

Не ги занемарувајте украсните детали кои ја прават целата слика
Убавината е во деталите, па немојте да ги игнорирате, дури и кога мислите дека се непотребни.
Заменете ги обичните рачки за вратичките на елементите со декоративни, ставете некој украс дури и во кујната и тоалетот, бирајте ги внимателно крпите, садовите и слично.

Мебел со историја
Винтиџ и античките елементи од мебелот се необичен начин да се додаде длабочина и личен идентитет во просторот, што делува богато.
Стара комода со фиоки, столче, реставрирана фотелја или садови, може да делуваат шик ако се правилно искористени.

М. М. | Црнобело