Во кујна со Александар Динев - Рецепт за здраво крцкаво пилешко, во Air Fryer
„Љубовта за готвење ја добив од баба ми. Но толку многу пати сум имал кулинарски неуспех, што дури не можам да избројам! Но, живеам сам па затоа морам сам да се справувам со загорено јадење, промашен рецепт или уништени тавчиња“ - вели Динев и со нас го сподели својот омилен летен рецепт.

Најпопуларниот македонски тиктокер, Александар Динев (21) за себе вели дека не е многу вешт во кујната, но кога ќе науми да зготви нешто, тогаш се труди да го направи тоа најдобро што може, па никогаш не се откажува.
На неговото мени нема премногу рецепти, но кога ги подготвува, тоа го прави со многу љубов.

За CRNOBELO.com, Александар раскажа за тоа кој го научил да готви, а ни сподели и здрав рецепт за крцкаво пилешко:
Дали те бива во кујна и кои ти се омилените јадења што сакаш да ги подготвуваш?
Јас искрено не сум најдобар во кујна, но знам да бидам упорен а тоа е важно за да научам да готвам.
Обожавам да подготвувам храна која е лесна и брза затоа што скоро секогаш се брзам и немам време.
Но, најомилено јадење кое ми одзема повеќе време е потаж од домат!

Кој те научи да готвиш?
Љубовта за готвење најмногу ја добив од баба ми!
Таа ги прави највкусните јадења што до сега сум ги јадел, особено чорби!

Кое јадење најмногу ти го испофалиле гостите?
Најновиот рецепт што го споделив на социјалните мрежи - здраво крцкаво пилешко, а кое ќе го споделам и со вашите читатели!
Искрено, тоа јадење и јас почнав да си го фалам!

Ти се случил ли кулинарски неуспех - да утнеш целосно некој рецепт?
Толку многу пати, што дури не можам да ги избројам!
Ама тоа е сосема нормално, јас живеам сам па затоа морам и сам да се справувам со загорено јадење, промашениот рецепт или уништените тавчиња.
Кога живеев со моите имав понекогаш помош или совет од мајка ми, но чувството на самостојност што го имам сега ми помага да растам и да учам додека правам кулинарски грешки.
За среќа до сега не сум имал неуспех кој што довел до запален стан.
