Во кујна со Сузана Гавазова - Компир манџа по рецепт од мајка ѝ и домашно месено лепче во боја
„Растев со мирисот на свежо печено лепче, со звуците од кујната каде мајка ми тивко си потпевнува додека меси и со трпезата околу која секогаш имаше место за еден плус. Од неа ја научив најважната лекција - дека љубовта најубаво се служи топла, во чинија“, вели Сузана Гавазова и сподели два рецепта за CRNOBELO.com.

Фолк-пејачката Сузана Гавазова, освен што има успешна кариера, е и голема домаќинка.
Таа својата страст кон готвењето често ја споделува преку социјалните мрежи, каде што објавува фотки и видеа од работите што ги зготвила за семејството.
Тоа се некогаш традиционални рецепти, другпат нешто месено, еднаш благо, другпат солено.
Сузана, буквално знае да направи сè, а за CRNOBELO.com вели:
„Знам и да сукам, иако тоа го правам многу ретко во последно време“.
Таа ни сподели и постари фотографии каде што сука кори за јуфки.

А за својата љубов кон готвењето, Гавазова вели:
„Уште од мала растев со мирисот на свежо печено лепче, со звуците од кујната каде мајка ми тивко си потпевнува додека меси и со трпезата околу која секогаш имаше место за еден плус.
Од неа ја научив најважната лекција - дека љубовта најубаво се служи топла, во чинија. Денес, токму преку готвењето ја негувам таа традиција и ја пренесувам понатаму.
Мојата кујна не е само простор - таа е срцето на домот. Таму се создаваат вкусови што враќаат спомени, се раскажуваат приказни без зборови и се гради она чувство на ‘дома си’, без разлика каде си.
Затоа за мене храната е нешто свето - не само за телото, туку и за душата. И секој оброк што го подготвувам, го носи тој белег на љубов, сеќавање и благодарност“, вели Сузана.

